Достапни линкови

Што побрзо решавање на статусот на Косово е од интерес на Македонија


Од интерес на Македонија е што побрзо да се реши статусот на Косово, оти тоа е едно од клучните прашања за стабилизација на регионот, посочува стручната јавност. Македонија не е во можност да влијае на исходот и токму затоа треба да ја следи политиката на Меѓународната заедница, вели проф. Трајан Гоцевски од институтот за одбрана.

„Официјалната политика на Македонија е тоа дека таа ќе следи што ќе се случува меѓу двете страни и плус тоа како ќе се однесува меѓународната заедница. Тоа е разбирливо, затоа што Македонија не е толку моќна за да може да влијае и мора да го гледа својот долгорочен интерес, а тоа е стабилно Косово.“

Со ваквиот став се согласува и професорот по меѓународни односи Ветон Љатифи од Штуловиот факултет. Според него евентуалната промена на македонскиот став по однос на косовското прашање може да предизвика несакани последици.

„Доколку Македонија го промени досегашниот курс, којшто беше многу внимателен и балансиран и на иста линија со САД и ЕУ, во тој случај би можело да дојдат во прашање импликации врз безбедносниот систем во Македонија.“

Иако Русија, како постојана членка на Советот за безбедност не го поддржува предложениот план на Ахтисари, Гоцевски не очекува вето од нејзина страна.

„Треба да се очекува дека во тој поглед може да се најде компромис, затоа што големите држави градат политики на подолг рок и тие политики во основа одат да ги задоволат нивните стратешки интереси во регионот.“

Доколку пак се случи Советот за безбедност да го отфрли предлогот на Ахтисари, а потоа да почне процес на признавање на покраината, аналитичарите сугерираат Македонија да го следи курсот на Соединетите Држави и Европската Унија.

„Македонија треба да биде една од првите земји после САД којашто треба да го признае новиот статус на Косово, без разлика дали ќе има вето на Русија во Советот за безбедност или не,“

изјави Љатифи.

Експертите се согласуваат дека одолговлекувањето на процесот на решавање на статусот на покраината ќе значи опасност за нарушување на меѓународната безбедност.
XS
SM
MD
LG