Достапни линкови

Заврши „драмата“ со 15-те заробени британски маринци


Петнаесетте британски маринци кои скоро две недели беа држени од Иран, изутрината полетале од Техеран за Лондон, ден откако иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад изјави дека ќе ги ослободи и ќе им прости поради тоа што илегално влегле во иранските води на Персискиот залив. Британија тврди дека нејзините маринци не се наоѓале во иранските територијални води. Како и да е, со нивното ослободување е ставен крај на кризата која ги зголеми тензиите на меѓународната сцена.

„Ви благодарам што не пуштивте и ви се извинуваме за нашите акции.“

Изјави за иранската телевизија Феј Тарнеј единствената жена меѓу бриранските маринци откако претседателот Махмуд Ахмадинеџад нивното ослободувањето го означи како подарок до британскиот народ и како одбележување на роденденот на исламскиот пророк Мухамед и на христијанскиот празник Велигден.

„Објавуваме дека иранскиот народ, како и владата на Исламската република, и покрај правото да им суди, ги помилува овие петнаесет луѓе и му ја нуди нивната слобода на британскиот народ.“

Неколку часа потоа британскиот премиер Тони Блер изрази олеснување од ваквата одлука и им заблагодари на сојзниците во Европа, во Советот за безбедност и на Блискиот Исток за нивната поддршка и помош при решавањето на кризата.

„На иранскиот народ јас би му го кажал едноставно ова: Немаме лоша мисла за вас. Напротив го почитуваме Иран како стара цивилизација. Посакуваме несогласувањата што ги имаме со вашата влада да ги решаваме на мирен начин.“

Кризата со маринците дојде во опасно време за иранските односи со Западот, посебно со Соединетите Држави кои не ја исклучуваат воената сила во убедувањето на Техеран да се откаже од својата нуклеарна програма. Во случајот како овој, според аналитичарите, воено силните западни држави вообичаено употребуваат различни депломатски притисоци кои се проследени со далечна, но реална закана со оружје:

„Британија и можеби Соединетите Држави, но исто така и нивните сојузници во НАТО и Европската Унија му ставија јасно до знаење на Техеран дека доколку кризата со маринците потрае тоа ќе биде лошо за иранските национални интереси.“

Вели Џејмс Филипс, аналитичар од Вашингтон. Тој додава дека сепак во сето ова не смее да се заборави ни улогата на иранскиот врховен лидер Али Камнеи кој од време на време го потсетува Ахмадинеџад дека е на второ место во политичката хиерархија.

„Ако Камнеи вели скокни, Ахмадинеџад скока. Можеби неволно, но мислам дека токму тоа се однесува и на овој случај.“

Вели Филипс прецизирајќи дека по се изгледа Камнеи оценил дека заробувањето на маринците ќе води кон дипломатска катастрофа за Иран и затоа наредил да бидат ослободени.
XS
SM
MD
LG