Достапни линкови

Хидросистемот сега не произведува струја со полн капацитет, а не функцинира ниту наводнувањето


„Чекаме од господа и сега фала богу што ни заврна. Сега ќе чекаме и во мај да заврне па да земеме леб, а ако не нема ништо.“

Ова е единствениот начин на кој како што вели Цветко Петрушевски, земјоделец од селото Илинден ги наводнува своите ниви. Другиот начин преку хидросистемот Козјак на кој една од основните функции му е да го снабдува со вода Скопското поле, по неколку години од официјалното пуштање во употреба, не функцинира:

„Некогаш се збореше дека Козјак треба да го зафати и скопскиот регион, ама во овој случај нема ништо ниту пак некој се заинтересирал да праша за таа брана.“

Проектот Козјак кој чинеше 170 милиони евра и се градеше речиси една деценија ги проби и финанските и временските рокови. Оправданоста на неговото постоење беше најавена како повеќе наменска односно покрај наводнувањето, примарно системот служи како брана од поплави, но и за производство на електрична енергија. Но, уште од почетокот како што вели професорот од Електро-Техничкиот факултет Атанас Илиев не било предвидено капацитетот на хидроцентралата да произведува многу струја:

„Според тоа намената на таа централа не е да го задоволува базичното производство како термоелектраните, туку да ги задоволува потребите на потрошувачката.“

Вели Илиев и додава дека од денешна инстанца не може да се зборува за оправданоста или ефикасноста на Козјак туку за таква процена треба да поминат триесетина години:

„Сигурно дека потребата за електричната енергија ќе биде се поголема и поголема имајќи во предвид дека на денешниот пазар електрична енергија има се помалку и помалку посебно по затворањето на централата Козлодуј на балканскиот пазар нема енергија.“

Но Козјак во моментов не произведува енергија со полн капацитет. Причина за тоа како што објаснува портпаролот на надлежното претријатие ЕЛЕМ Мирче Котевски се неповолните временски услови поради кои и дотокот на вода во акумулацијата е помал:

„Она што малку не загрижува е тоа што акумулацијата е малку испразнета за овој период од годината, поради сушната зима и затоа хидроелектраната во моментов работи со моќност од 35 мегавати или 5 мегавати помалку од она што го дава како од својот потенцијал и капацитет.“

Инаку како благодет од изградбата на езерото беше најавена и туристичка населба, а жителите на Поречието се надеваа дека конечно ќе добијат пат. Но ниту една од овие најави денес не е реализрана.
XS
SM
MD
LG