Достапни линкови

logo-print

Освен Русија, Соединетите Држави, Европската Унија и НАТО се за што е побрзо решение за Косово


Косово треба да стане независно со надзор на меѓународната заедница, се наведува во предлогот на пратеникот Марти Ахтисари што му е доставен на Советот за безбедност на Обединетите Нации. Соединетите Држави и Британија го поддржаа, додека Русија и натаму се противи. Во Приштина се повеќе од задоволни, а Белград најавува дипломатска иницијатива.

Независноста е единствена одржлива опција за политички и економски стабилно Косово, се наведува во извештајот на Ахтисари во кој се додава дека меѓународните претставници и оружените сили во преодниот период ќе го надгледуваат и ќе помагаат во практикувањето на независноста на Косово, како и во исполнувањето на неговите обврски предвидени со овој план. Во него постојат одредби кои предвидуваат заштита на малцинските права. ,,Косово е единствен случај што бара единствено решение. Тоа не е преседан за другите нерешени конфликти,, се заклучува во извештајот на Ахтисари кој целосно е поддржан од генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки Мун. Планот веднаш беше поздравен од косовското раководство кое оцени дека станува збор за почеток на последната фаза на решението на статусот на Косово.

„Го поздравуваме ставот на генералниот секретар кои во целост ги поддржува препораките на Ахтисари за независност на Косово.“

Изјави косовскиот претседател Фатмир Сејдиу, додавајќи дека таа независност ќе биде во служба на сите граѓани на Косово, но и на мирот и стабилноста во регионот. Со ист став е и премиерот Агим Чеку, како и шефот на УНМИК Јоаким Рикер кој оценува дека предлогот не е ништо друго освен историски момент за народот на Косово. Официјален Белград пак изрази уверување дека предлогот на Ахтисари нема да мине во Советот за безбедност. Премиерот Воислав Коштуница смета дека дури потоа ќе следеле нови вистински преговори со нов посредник. Шефот на државата Борис Тадиќ веќе најави нова дипломатска офанзива. Неговиот советник за надворешна политика Вук Јеремиќ вели дека Белград цврсто останува на ставот оти е потребно компромисно решение:

„На тоа ќе биде насочена нашата дипломатска иницијатива. Неколку земји кои се членки на Советот за безбедност го делат нашето мислење и треба да се обидеме тоа да биде прифатено од мнозинството во Советот.“

Американскиот државен потсекретар Николас Барнс вчера во Брисел го поддржа планот на Ахтисари и изрази очекување во наредниве неколку недели да бидат одржани консултации со Белград и Приштина со цел да се дојде до најдобра можна резолуција за Косово.

„Планот на Ахтисари со кој се бара надгледувана независност за Косово ќе доведе до решение на она што е последено големо прашање поврзано со распаѓањето на Југославија. Ги повикаме сите страни да ги прифатат компромисите што ги предложи Ахтисари.“

Изјави Том Кејси, заменик портпарол на Стејт Департментот. Освен Русија која останува против овој план, Соединетите Држави, Европската Унија и НАТО се за што е побрзо решение за Косово.
XS
SM
MD
LG