Достапни линкови

По грчката дипломатска офанзива, потребна е поагресивна реакција и од наша страна, велат експертите


Во македонското министерство за надворешни работи негираат дека Лин Песко, актуелен генерален потсекретар на ОН за политички прашања е именуван од страна на Светската организација за официјален преставник кој ќе се вклучи во процесот за решавање на разликите меѓу Скопје и Атина околу употребата на името Македонија. Шпреса Јусуфи портпарол на Министерството за надворешни работи вели дека Лин Песко само бил учесник на средбата која вчера се одржа во ОН меѓу грчката министерка за надворешни работи Дора Бакојани и новиот генерален секретар на ОН Бан Ки Мун:

„Се работи за неточна информација и не се работи за промена односно г-динот Метју Нимиц останува специјален преговарач на ОН за преговорите околу спорот со името, меѓу Република Македонија и Република Грција“

Вели Јусуфи. Проблемот со името на Македонија, вчера меѓудругите беше една од главните теми на Бакојани која освен во Обединетите Нации во Вашингтон имаше средба и со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Во Македонија засилената дипломатска офанзива од Грција околу спорот со името, која резултираше и со резолуција на американскиот Сенат за подршка на НАТО проширувањето во која освен уставното име на државава беше додадена и референцата ФИРОМ, ја толкуваат како приближување на тајмингот за членството на земјава во НАТО, но и предизборието во Грција. Во Министерството за надворешни работи уверуваат дека македонските дипломатски активности како одговор на грчките ќе продолжат, во рамките како што велат оттаму, на нашите можности:

„Се работи на тоа да се изнајдат можности за позасилени кадри во Вашингтон, меѓутоа независно од тоа она што ние и до сега сме го правеле, ќе продолжиме да го правиме.“

Но, наспроти уверувањата од Министерството за надворешни работи, опозицијата ја обвини власта дека е пасивна во однос на прашањето за името. И домашните експерти сметаат дека е потребен поагресивен одговор од наша страна. Професорот Денко Малевски истакнува:

„Нашата грешка е тоа што кога видовме дека грчкиот амбасадор во Вашингтон одржува средби во американскиот Конгрес требаше веднаш да реагираме и пред истите луѓе да бараме да дојде наш преставник.“

Според професор Малевски очигледно е дека се засилува притисокот за решение на спорот со името меѓу Македонија и Грција:

„Можно е некој од актерите на големата сцена се обидуваат да го забрзаат тоа решение, меѓутоа за крајното решение неможеме да го знаеме сега.“

забележува професор Малевски.
XS
SM
MD
LG