Достапни линкови

logo-print

Гласање на Интернет за уште седум светски чуда


Што е заедничко за Колосот од Родос и за Статуата на Зевс на Олимп? Тие се на листата на седумте светски чуда, направена многу одамна и која за извесно време треба да биде проширена со уште седум нови. Во согласност со модерното време, новиот список ќе биде составен со гласање преку Интернет. Но, не на секој му се допаѓа ваквата идеја?

Вие можеби сте слушнале за Седумте светски чуда, но колку од нив можете да наброите? Доколку не се сетивте на ниту едно немојте да се грижите. И онака тој список го составија античките грци пред повеќе од две илјади и двесте години. Само едно од тие чуда се уште постои, пирамидите во Египет. Сите други се уништени во земјотреси и пожари. Токму тоа го натера швајцарскиот истражувач и филмски творец Бернард Венгер да се обиде да ја освежи листата. Што е уште поинтересно тој реши тоа да биде сторено на демократски начин, со гласање преку кое обичните луѓе ќе донесат одлука што за нив е најзначајно од она што е изградено со човечка рака. Венгер пред седум години отвори интернет страница каде што секој може да гласа за Новите седум светски чуда. Резултатите ќе бидат објавени на прославата во португалскиот главен град Лисабон на седми јули годинава или доколку овој датум се гледа нумерички е датум со три седумки. Досега, според податоците на фондацијата на Венгер, биле забележани над дваесет и осум милиони гласови. Парите кои ќе бидат заработени со продажба на правата за телевизиски пренос од церемонијата, како и од продажбата на книги и на филмови, ќе бидат потрошени за реконструкција на спомениците. Портпаролот на проектот Тиа Виеринг вели дека гласале луѓе од сто земји, најмногу од Кина, Грција, Индија, Соединетите Држави, Германија. Притоа постои правило да се гласа за сите предложени нови чуда со цел да се избегне можноста секој да си гласа за она што го има во неговата земја.

„Сигурна сум дека повеќето луѓе гласаат за спомениците во своите држави. И тоа е во ред, да бидеш горд на својата историја и култура. Но идајета е да се охрабрат гласачите да погледаат и преку своите граници, да се запознаат со спомениците на другите нации. Одекот е позитивен.“

Вели Тиа Виеринг. Но, не сите се воодушевени со идејата и посебно со начинот на кој се избираат новите светски чуда. Египетскиот министер за култура Фарук Хосни за целиот проект вели дека е апсурден. Тој бара пирамидите да бидат отсранети од листата, бидејќи не им требало никакво гласање за да бидат светско чудо.

„Ги поздравуваме различните ставови, тие дури се и добредојдени. Египет е една од дваесет и пете земји во кои најмногу се гласа. Очигледно египјаните не ги делат ставовите на министерот.“

Наведува Виеринг, додавајќи дека станува збор за прво глобално гласање на кое луѓето од цел свет можат да решаваат за нешто.

„И ова е за прв пат и децата да можат да гласаат и нивниот глас да биде рамноправен со оној на возрасните. За ова не решаваат експертите, бидејќи мислиме дека културата му припаѓа на секој, а не само на историчарите, археолозите.“

На седми јули луѓето ќе имаат можност да видат како гласале.
XS
SM
MD
LG