Достапни линкови

Шефот на УНМИК Јоаким Рикер не се придржува до својот мандат, изјави Витали Чуркин


Атмосферата на седницата на Советот за безбедност зад затворена врата очигледно била прегреана кога некои новински агенции јавиле дека рускиот амбасадор во Обединетите Нации Виталиј Чуркин пред време ја напуштил. Но, Марија Захарова, портпаролка на руската мисија во Њујорк тоа го демантира:

„Не, тоа е дезинформација. Тој не замина. Состанокот веќе беше завршен.“

По седницата Чуркин им кажа на новинарите дека шефот на УНМИК Јоахим Рикер не се придружувал до својот мандат:

„Неговиот извештај, особено неговите забелешки беа исклучително еднострани и не помагаат за средување на состојбата. Мислам дека тоа на извесен начин е друг симптом на проблемот со кој се соочуваме, бидејќи меѓународното присуство на Косово не би требало да биде еднострано.“

Изјави Чуркин, додавајќи дека Рикер проповедал за финалниот статус на Косово, односно за неговата независност, наместо да зборува за примената на резолуцијата дванаесет четириесет и четири. Тоа веднаш беше демантирано од Рикер:

„Се придржував до овластувањата кои произлегуваат од мојот мандат. Тоа значи дека не го прејудицирав решението на финалниот статус на Косово.“

рече Рикер, чиј извештај беше поддржан од заменик американскиот амбасадор во Обединетите нации Алехандро Волф:

„Го слушнавме истиот извештај и извлековме различни заклучоци. Господин Рикер даде многу балансирана и објективна презентација. Зборуваше за децентрализацијата, правата на малцинствата. Задоволни сме од неговиот извшетај.“

Инаку, со оглед на неговата жестока реакција Чуркин беше запрашан од новинарите дали тоа значи дека Москва ќе вложи вето во Советот за безбедност.

„Тоа се крупни зборови и не сакам за тоа да говорам пред ова прашање да се најде на гласање во Советот. Но, не гледам како ова тело може да наметне решение кога не се примените сите стандарди кои се предуслов за решението на статусот на Косово.“

Оцени Чуркин. На ист став е и официјален Белград:

„Само продолжување на преговорите и компромисно решение може да доведе до траен мир во Србија и на Западен Балкан и да ги спречи таквите сепаратистички движења насекаде во светот.“

Рече шефот на координациониот центар на владата на Србија за Косово Санда Рашковиќ Ивиќ која беше во Њујорк. Во меѓувреме, Марти Ахтисари го отфрли рускиот предлог за продолжување на преговорите, бидејќи биле исцрпени сите можности за компромис меѓу Белград и Приштина.
XS
SM
MD
LG