Достапни линкови

Македонија не е засегната бидејќи ние најпрво сакаме датум за преговори, велат од МНР


Во македонското Министерство за надворешни работи велат дека најновата изјава на еврокомесарот за проширување Оли Рен не значи дека Македонија нема да добие датум за преговори, туку оти таа се однесува на датумите за членство, односно дека Европската Унија во иднина ќе ја избегнува практиката како со примерот со Бугарија и Романија на кои им беше одреден фиксен датум за прием во Унијата:

„Се работи за тоа што овде не станува збор за датуми за отпочнување на преговори, туку за фиксни датуми за членство. Значи пред се треба да се сфати во поширок контекст дека еуфоријата во ЕУ во однос на фиксните датуми за членство е спласната, значи ЕУ сега работи на зајакнување на своите внатрешни капацитети.“

Изјавува Шпреса Јусуфи портпарол на Министерството за надворешни работи. Таа додава дека изјавата на еврокомесарот Оли Рен кој вчера во Брисел истакна дека на земјите од Западен Балкан не треба да им се даваат датуми за членство, не значи дека вратите на Европската Унија за нас се затворени, бидејќи наш главен приоритет не е добивањето на рок за членство, туку добивањето на датум за преговори:

„Она што ние го очекуваме тоа е датум за преговори за членство, а не датум за членство. Откако ќе го добиеме датумот за преговори, а тоа го очекуваме во текот на 2008 година, тогаш ќе ги отпочнеме преговорите и ние врз основа на нашите резултати ќе дојдеме и до самиот датум за членство.“

истакнува Јусуфи. И експертите потенцираат дека Македонија не треба да биде засегната од ваквите сигнали. Професорот по меѓународни односи Димитар Мирчев вели дека иако може до некаде да има демотивирачки ефект врз државите од Западен Балкан, сепак тоа не значи дека ќе биде забавен процесот на интегрирање на преостанатите земји кандидатки за членство во Унијата. Треба да се продолжи со реформите, порачува професорот Мирчев:

„Македонија мислам дека не е засегната непосредно од таа изјава или пак од такво решение на самитот на ЕУ бидејќи ние имаме своја агенда за реформи и многу е важно таа агенда да се остварува како што е договорено.“

забележува професор Мирчев. Во канцеларијата на Европската Унија во земјава засега не ја коментираат изјавата на Еврокомесарот за проширување Оли Рен.
XS
SM
MD
LG