Достапни линкови

logo-print

Експертите укажуваат дека е потребна завршница на откриените случаи од МВР во изминативе месеци


Случајот Бачило и апсењето на повеќемина инволвирани меѓу кои и еден поранешен заменик министер, притворот за директорот на Клиниката за пулмологија Дејан Докиќ, притворот за неколку судии меѓу кои и вчерашниот случај односно апсењата на еден судија од судот во Велес и поранешниот правобранител за случајот незаконска продажба на Офицерскиот дом во овој град, и претходно апсењата на над 50-тина полицајци и цариници за примање поткуп, според Министерството за внатрешни работи сите овие апсења, меѓу кои и на судии, лекари и поранешни функционери, се показател за сериозната намера на Министерството за борба против корупцијата:

„Борбата против организираниот криминал и корупцијата, дефинитивно нема да остане само на борба и на чистење единствено на сопствените редови, односно поднесување на пријави и притворање само на полицајци и цариници бидејќи очигледно МВР презеде опсежни мерки за расчистување на митото и корупцијата и во други институции.“

Истакнува портпаролот на Министерството за внатреши работи Иво Котевски кој додава дека со поднесувањето на кривични пријави, работата на Министерството е завршена, односно понатаму сите овие случаи, како што вели Котевски, се во рацете на судството. Експертите се согласуваат дека според критериумот уапсени лица и обелоденети случаи има одредено поместување, но оттаму укажуваат дека надлежните инситуции ќе покажат дека се во сериозна спрега против корупциајта само доколку јавноста види завршница на сите овие случаи:

„Главен и осовен критериум би била завршницата на постапките кои што веќе се иницирани.“

Посочува професорот од Правниот факултет Никола Тупанчевски, кој додава дека сепак во сите овие акции на Министерството за внатрешни работи неможе да се каже дека е дојдено до врвот на инволвираните во корупцијата:

„Сведоци сме дека од поранешните водечки личности кои што учествуваа во водењето на општествениот живот во Република Македонија, нешто има, меѓутоа дефинитивно јас незнам дали тоа е „круната“ на она што треба да се вика сузбивање на организираниот криминал.“

Вели професор Тупанчевски. Слаѓана Тасева поранешен претседател на Антикорупциската комисија и акутелен директор на Полициската академија исто така посочува дека проверката на имотната состојба меѓу другото е клучот за вистинска борба против корупцијата:

„Затоа што многу евидентно е дека тие располагаат со многу средства, но досега немавме никакви интервенции, активности односно проверки од ваков тип.“

Објаснува Тасева.
XS
SM
MD
LG