Достапни линкови

Законите се добри, проблемот е во примената


Додека корумпираните цариници се во притвор, неделава ја одбележа апсењето на докторот Дејан Докиќ, поради сомневање за примање мито. Судењето за случајот Бачило веќе почна и ќе се одвива непрекинато. Но, и до сега се откриваа големи криминални афери, но нивните судски завршници предизвикаа дебати во експертската јавност. Последен е случајот со ослободителната пресуда за кондовецот Агим Красниќи. Професорот од правниот факултет Никола Тупанчевски вели дека постоечката регулатива може да претрпи мали измени, но претставува добар инструмент за спроведување на правдата:

„Секогаш постои потенцијална можност, во зависност од користењето на правните средства постапките да бидат одолговлекувани. Сето тоа не е само во Република Македонија, туку насекаде во светот,“

вели Тупанчевски, кој додава дека сепак празнини постоја, а се зависи од способноста на тие што го применуваат правото:

„Вие имате добри адвокати и добри судии. Не секогаш, судијата се снаоѓа во правниот систем. Ќе треба малку повеќе снаоѓање, користење на тоа што им е дадено на судиите и мислам дека не би требало да има пречки во донесување на правдата.“

Проблемот во правниот систем во однос на справувањето на криминалот, професорот по кривично право Ѓорѓе Марјановиќ го лоцира уште на почетокот, кога јавното обвинителство треба да покрене постапка. Имено, како што вели, нашето обвинителство не реагира ниту во случаи кога постои основано сомнение за криминални активности.

„Меѓутоа, нашето обвинителство со оглед на тоа што е зависно од владата, затоа што таа го предлага, не работи според законите, туку според нарачките на владата, и тоа е причина зошто правосудството не функционира како што треба.“

Според него, не е потребна политичка волја, туку почитување на законите:

„Јавниот обвинител нема право да одлучува дали е политички или вака или онака опортуно или неопортуно да покрене постапка. Тој мора да покрене постапка, ако сите елементи се на куп од едно кривично дело.“
XS
SM
MD
LG