Достапни линкови

logo-print

Сеуште неизвесно каква ќе биде динамиката на процесот


Предлогот на Марти Ахтисари за идниот статус на Косово до крајот на месецов ќе се најде во Обединетите Нации. Но, се уште е многу нејасно што ќе се случува натаму и каква ќе биде натамошната динамика на процесот. Во Белград веруваат дека тој би можело да се одолжи, а во Приштина одлуката ја очекуваат до крајот на пролетта. Радио Слободна Европа дознава во Брисел дека мисијата на Европската Унија на Косово нема воопшто да биде слична со сегашната на УНМИК.

Во доверливиот документ се наведува дека целокупната мисија ќе има седумдесет и два члена, европски државјани. Тие ќе бидат задолжени за владеење на правото, односно станува збор за меѓунардни полицајци. Управувањето на Косово ќе им биде препуштено на локалните власти. Шефот на мисијата кој ќе воедно ќе биде и претставник на меѓународната заедница на Косово во првите две години ќе има право на вето на одлуките на косовскиот парламент за кои ќе смета дека се во спротивност со решнието за статусот. Тој исто така ќе има право да разрешува функционери. Како фаворит за оваа функција се посочува холандскиот дипломат Питер Фејт кој беше на чело на мисијата на Европската Унија во Индонезија, а во јавноста е познат и како водач на мисијата на НАТО во Прешевската долина и во Македонија. Но неговото именување може да биде официјализирано дури откако Советот за безбедност на Обединетите нации донесат резолуција за Косово. Во врска со тоа пак, очекувањата на експертите во Белград и во Приштина се различни:

„Првиот голем чекор што претстои е усогласувањето на ставот во самата Европска Унија. Но, тој проблем не ќе може да се реши пред крајот на германското претседателство со Унијата.“

Вели Душан Јањиќ, координатор на Форумот за етнички односи, додавајќи дека резолуцијата на Советот за безбедност може да се очекува кон крајот на годинава. За Шкелзен Малиќи од Приштина пак, тој процес ќе оди многу побргу:

„Советот за безбедност има некои вообичаени процедури на решавање. Откако предлогот биде примен, тој влегува во процедура и за него решаваат сите членки на Советот и постојаните и променливите.“

Најверојатното сценарио, според Малиќи, е до крајот на мај тие да постигнат спогодба и да ја усвојат резолуцијата. Доколку тоа не се случи тогаш, како што вели тој, за ова прашање ќе разговараат претседателите на Соединетите Држави и на Русија Џорџ Буш и Владимир Путин кога ќе се сретнат на состанокот на Групата Осум по што може да се очекува некакво решение. Она од што страхуваат во Приштина е натамошното одолговлекување на процесот.
XS
SM
MD
LG