Достапни линкови

Штрајкови на стечајните работници, гинеколозите, вработените во одбраната и во затворите


Веќе десетина дена деноноќно стечајните работници протестираат пред Собранието во очекување на некаков исход за решавање на нивниот статус, вчера незадоволството пред Владата го изразија и гинеколозите, најави за штрајк со неколку барања меѓу кои и за покачување на платите стигнаа и од вработените во одбраната, а со истото барање за утре протест најавуваат и вработените во Казнено-Поправените домови. И оставивме доволно долг период на Владата за да покаже резултати, времето одминува, а статусот на вработените останува ист, ова е прв од низата штрајкови со кои ќе го засилиме социјалниот притисок врз Владата, вели Пеце Груевски портпарол на Сојузот на Синдикати:

„Очигледно игнорантскиот однос на власта, на оваа и на сите претходни бидејќи тие не се разликуваат, во немањето чувство на социјално партнерсто и за дијалог во кој ќе не убедат за она што сакаат да го направат, го прави своето. Значи штрајковите секогаш на некој начин се предизвикани од власта и или овде во нашата држава ќе заживее социјалното партнерство или секојденвно ќе се соочуваме со штрајкови.“

истакнува Груевски.
Како и во изминативе десетина дена со шатори пред Собранието остануваат и стечајните работници со над 25 години работен стаж. Има најави, вели претседателот на здружението Стојан Стојанов дека може да се реши некое од нашите барања, но сепак не се откажуваме од протестите:

„Повторно ќе седнеме и ќе разговараме. Мислам дека додека не се реши проблемот нема да се откажеме, а мислам дека има некои ведри сигнали за решавање на проблемот, сега се бара на каков начин и како сето тоа да се направи за да се реши проблемот.“

Од притисокот врз Владата за решавање на проблемот не се откажуваат ниту во Здружението на гинеколози. Д-р Емилија Трајковска Претседател на здружението вели дека доколку не биде зголемена цената на бодот по пациент од страна на Фондот за здравство, во понеделник најверојатно повторно ќе излезат на протести:

„Значи ако не ни успее и тоа во Влада ние може идниот понеделник и со стол пред Влада да излеземе.“

Во Владата не добивме одговор на кој начин ќе се справува со социјалниот притисок и со се почестите најави за штрајк на одредени сектори. Според програмата на Владата за социјалните категории се предвидени активни мерки на вработување, подршка за семеен бизнис за невработените лица и воопшто нејзина главна заложба е подобрување на економската ситуација и животниот стандард на населението во државава.
XS
SM
MD
LG