Достапни линкови

Ограничена независност под меѓународна контрола прифатлива за Приштина, но не и за Белград


Специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари се очекува на Советот за безбедност да му го достави неговиот предлог за идниот статус на Косово. Ограничената независност под меѓународна контрола е прифатлива за Приштина, но не и за Белград.

Едногодишните разговори меѓу двете страни завршија во саботата во Виена без компромис. А тој виенски состанок беше последната шанса за согласност околу она што го предлжи Ахтисари, ограничена меѓународно надгледувана независност во која Косово ќе има свој устав, своја армија, национална химна и знаме. Во замена, на србите на Косово ќе им бидат гарантирани широки права и ќе бидат заштитени нивните културни и историски споменици.

„Прифативме болни компромиси и бевме великодушни во сите прашања.“

Изјави косовскиот претседател Фатмир Сејдиу кој оценувајќи дека предлогот на Ахтисари е предлог за независно Косово изрази уверување дека најпрвин ќе биде ставена вон сила постојната резолуција дванаесет четириесет и четири и оти потоа ќе биде усвоена друга која ќе ја има предвид новата ситауција. За премиерот Агим Чеку пак, меѓународниот легимитет на независноста на Косово е само прашање на време:

„Преговарачкиот процес заврши со предлог за нависност на Косово и тој предлог има силен меѓународен легитимитет.“

За разлика од Чеку, српскиот премиер Воислав Коштуница смета дека откинувањето на Косово од Србија ќе биде најопасниот преседан во историјата на Обединетите Нации.

„Како што во изминатава година Србија им беше посветена на преговорите така ќе биде посветена и во иднина. Апелираме тие преговори да продолжат, но во суштинска смисла на зборот, а не како досега.“

Тоа, како што изјави српскиот претседател Борис Тадиќ, би требало да доведе до компромис:

„Србија сака во натамошниот процес да придонесе за едно компромисно решение кое би било прифатливо за двете страни и основа за историско помирување меѓу србите и албанците.“

Изјави Тадиќ. Поранешниот американски пратеник за Балканот Џејмс Добинс смета дека без сомнение дискусиите за Косово влегуваат во нова фаза:

„Мислам дека сме на почетокот на нова фаза. Не знам дали таа ќе биде и последна, но мислам дека Косово веќе нема да биде протекторат на Обединетите нации.“

Оценува Добинс која додава дека на Косово, како и на Босна, меѓународното присуство ќе му биде неопходно барем извесно време.
XS
SM
MD
LG