Достапни линкови

МВР и АРМ подготвени да реагираат ако има потреба


Соработката меѓу регионалните служби за разузнавање и субјектите чија примарна цел е зачувување на безбедноста во земјата е клучна за евентуалното избегнување на безбедносните ризици, посочуваат експертите. Македонската полиција е подготвена да се справи со сите безбедносни предизвици велат од министерството за внатрешни работи. Оттаму додаваат дека секојдневно и навремено се разменуваат информации со другите безбедносни служби во регионот.

„Соработката на МВР со службите на УНМИК, односно КФОР на Косово е на високо ниво. Секојдневно се размнеуваат информации за последните случувања, како на Косово, така и во регионот, така што ги имаме сите неопходни информации за натамошно постапување,“

изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски

Во рамките на редовната соработка со МВР, од министерството за одбрана најавуваат проект за заедничко дејствување на полицијата и Армијата на Република Македонија. Од генералштабот на АРМ велат дека Армијата е подготвена да реагира на евентуални ризици во рамките на своите уставни овластувања.

„АРМ е должна да ја одржува на високо ниво борбената готовност и тоа го правиме секојдневно и редовно, со следење на состојбата, АРМ е подготвена да реагира линиски во рамките на уставните овластувања,“

изјави Мирче Ѓорѓески, портпарол на министерството за одбрана

Денешната безбедносна соработка во светот наложува меѓународна соработка со безбедносните структури, вели Благоја Марковски од Балканскиот форум за безбедност. Она што недостасува вели тој е заедничка активност меѓу институциите задолжени за справување со безбедносните предизвици.

„За жал немаше ниту една заедничка акција на сите субјекти, и затоа сметам дека не сме уиграни за вакви активности. Предлагам да се направат заеднички активности, вежбовни активности, тренинзи, кои ќе може да бидат увертира на евентуална употреба на тие сили.“

Марковски предупредува на можни вооружени инциденти по конечното решавање на косовското прашање, иако не очекува тие да бидат со голем интензитет.
И Македонскиот државен врв не ја исклучува можноста од безбедносни последици врз земјава, доколку се предизвикаат инциденти на Косово.
XS
SM
MD
LG