Достапни линкови

Двете страни велат дека се подготвени на компромис


Започна политичкиот дијалог меѓу владеачката ВМРО ДПМНЕ и опозиционата ДУИ, по повеќе месечен застој што кулминираше со излезот на ДУИ од Парламентот, па до преписки со наведени барања од оваа партија како услов за продолжување на разговорите. Од низата барања што до премиерот Никола Груевски ги достави ДУИ, во влaдeчката партија за сега нема предомислување за барањето на ДУИ за избор на Влада според Бадентер и доделување на пензии за поранешните припадници на ОНА. Може ли ова да биде пречка за повторна блокада на дијалогот, во ВМРО ДПМНЕ велат:

„Ние сме спремни да разговараме, но не сме подготвени постојано под притисок и уцени да го прифаќаме сето она што се бара од нивна страна.“

Истакнува Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ. Во ДУИ пак истакнуваат дека по овие две прашања како нивни барања ќе почекаат на исходот од продолжението на разговорите. Теута Арифи од оваа партија посочува:

„Ние ги дадовме нашите аргументи, ги слушнавме и аргументите од нивна страна, но секако сеуште е рано за да се донесат заклучоци.“

Власта засега ги прифаќа барања на ДУИ во делот на составување на листа на закони кои би се носеле според Бадентер, со што како што велат во владеачката партија, ќе се затвори и барањето за рекомпонирање на Комитетот за односи меѓу заедниците. Освен овие претходно испорачани барања до премиерот од страна на ДУИ, Груевски изразувајќи притоа надеж за нивно враќање во Парламентот, побара од оваа партија подршка за комплетирање на Судскиот Совет, за законот за јавно обвинителство, за проектот за воведување задолжително средно образование и уште неколку други прашања за што ќе треба дополнително да се разговара на продолжението на дијалогот меѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ закажан за в понеделник. И од двете страни посочуваат дека се подготвени на конструктивност.
А во меѓувреме во Собранието денеска продолжија разговорите меѓу Социјадемократскиот сојуз и ВМРО ДПМНЕ кои започнаа пред еден месец. И со СДСМ се разговара за Уставните измени за задолжителното средно образование, како и за Изборниот законик, и за собранискиот Деловник. За текот на разговорите Силвана Бонева информира:

„Сите забелешки се ставени на хартија за да видиме што е тоа што може да биде прифатливо за сите, за да во понеделник заедно со претставници на Националниот демократски институт и координаторите на пратеничките групи конечно заземеме став како ќе одиме понатаму.“

Вели Бонева.
XS
SM
MD
LG