Достапни линкови

Процедурата е јасна и нема потреба од проблематизирање на надлежностите, велат експертите


Проблемите на релација Влада-Претседател кога станува збор за именување на амбасадори постојат подолго време, причините за тоа се во политиката и интересите, велат експертите. Претходно како причина во јавноста се истакнуваше фактот што нема закон за надворешни работи што би ги регулирал тие односи, но и по неговото усвојување пролетта минатата година, проблемите се исти. Како последни примери за недоразбирања се назначувањето на амбасадори во Велика Британија, како и во седиштето на НАТО во Брисел. Согласност мегу Владата и Претседателот треба да се постигне и за други места, бидејки годинава без амбасадори Македонија останува и во Атина, Белград, Загреб, Сараево, Букурешт, Киев. Уставот и законот се многу јасни во делот на надворешната политика, а во земјава веќе имаме и пракса во оваа област што исто така е извор на правото, вели Тања Каракамишева од Правниот факултет во Скопје која додава:

„Ако досега претседателот на Владата и на Републиката беа посочувани како постојани партнери во делот на надворешната односи, оттука не гледам никаква потреба тоа да се проблематизира или во наредниот период да се драматизира, затоа што јасна е подделената надлежност помеѓу овие две институции, значи потребна е само добра воља, поголем степен на политичка култура и еден вид џентлменски договор за да се надмине проблемот во оваа сфера.„

Дека проблемот не е во правните недоречености, смета и Благој Зашов поранешен амбасадор и член на Собраниската комисија за надворешна политика:

„Има вообичаена процедура за определување на кандидатите што во дипломатијата е многу позната. Останува сега носителите на функциите во определувањето на кандидатите и нивно промовирање во Амбасадори да си ги преземат своите одговорности.“

Законот за надворешни работи предвидува врз основа на претходна усогласеност со претседателот, постапката за именување да ја поведе министерот за надворешни работи и предлогот го доставува до Владата. По прифакање на предлогот, Владата го информира претседателот и тој е должен да се изјасни најдоцна во рок од 30 дена по приемот на предлогот. Притоа на претседателот не му се остава можноста да одговори негативно, значи во претходната фаза на договарање тие треба прецизно да се усогласат. Експертите објаснуваат дека доколку не се постигне согласност мегу владата и претседателот именувањето на вршители на должност кое го прави министерот за надворешни работи не е решение, бидејки тие не може да ја претставуваат земјата на политичко ниво и да ги вршат сите амбасадорски функции.
XS
SM
MD
LG