Достапни линкови

Засега нема расположение за прифаќање на ова барање меѓу македонските партии


Жестока реакција од Здружението на македонски бранители од воениот конфликт во 2001-та година, околу барањето на Демократската Унија за Интеграција до премиерот Никола Груевски за доделување на пензии за поранешните припадници на ОНА, еден од условите што меѓу другите барања оваа партија ги достави за продолжување на политичкиот дијалог. Македонските бранители велат дека дополнително ги иритира тоа што во изминативе шест години никој не ги решил нивните проблеми:

„Никој не дојде да не праша како сме, дали имаме вработени членови од семејството, здравствени проблеми, каде се бесплатното осигурување, каде е стан за ранетите, обештетувањето, подобри работни места, подобри услови, пензионирање итн. Ништо буквално од ова нема.“

Изјавува Ацо Стојановски претседател на Здружението на бранители во воениот конфликт. Премиерот Груевски најави дека за прашањето за доделување пензии за поранешните припадници на ОНА ќе ги анкетира и останатите партии. Освен подршката што ја има од коалиционите партнери ДПА и Новата социјалдемократска партија, во опозициониот Социјдемократски сојуз изразија зачуденост поради ваквиот став на ВМРО ДПМНЕ која како што велат ,,својот опозициски рејтинг претходно го градела токму како противник на Рамковниот договор“ и посочија дека по ова прашање дополнително ќе се изјаснат откога ќе го добијат написмено предлогот. Подршка за ова прашање засега нема во ВМРО Народна партија и во Либерално демократскиот сојуз:

„Значи би побарале масовна подршка од граѓаните и потпишување против ваквиот предлог.“

Не само што нема да имаат подршка од нас, туку ќе ги потсетиме дека кога ние бевме на власт не дозволивме да се направи нешто што не е ниту дел од Рамковниот договор.“

Истакнуваат Валентина Божиновска од ВМРО НП и Андреј Жерновски од ЛДП. Во Демократската Унија за интеграција истакнуваат дека треба да се почека на средбата Ахмети-Груевски, но сепак изразуваат задоволство доколку ова нивно барање биде решено. Џевад Адеми од оваа партија вели:

„Сметам лично дека тоа е проблем кој треба и мора да се реши.“

Во жестоките и спротивставени реакции за едно вака чувствително прашање, мора да се биде внимателен за да не се предизвикаат дополнителни меѓуетнички тенизии, предупредуваат пак експертите:

„Меѓу политичарите ако се попретпазливи кој вокабулар го користат, мислам дека може да помине и без поголеми тензии.“

Истакнува политикологот Алберт Муслиу.
XS
SM
MD
LG