Достапни линкови

Запечатување на политиката на Комунистичката партија


Во Пекинг е во тек годишната двонеделна сесија на Кинескиот народен конгрес на кој учествуваат над скоро три илјади делегати. Вообичаено на Конгресот владата ги претставува нејзините приоритети. Но, не станува збор за демократски настан, туку за запечатување на политиката на Комунистичката партија.

Во воведниот говор на Конгресот, кинескиот премиер Вен Џиабао изјави дека веќе нема слепо да се инсистира на економски пораст. Според него, со проектираните осум насто раст за оваа година ќе се промовира стабилноста на економијата во Кина. Тој додаде дека се преземени чекори за контрола на масовниот прилив на странски инвестиции и за намалување на огромната кинеска трговска нерамнотежа со странство. Џиабао се заложи и за намалување на јазот меѓу богатите и сиромашните кои во последно време беа повод за насилни инциденти во селските средини во земјата.

„Во промовирањето на ново социјалистичко село, мораме да се фокусираме врз развојот на руралната економија и на зголемување на платите на земјоделците. Мораме да ги почитуваме нивните интереси.“

Џиабао говореше и за потребата од запирање на уништувањето на природата кое, како што оцени, било резултат од дведеценискиот ултрабрз економски пораст кој се базирал врз фабрики со застарени технологии, донесени од Запад. Тие ќе бидат затворени, изјави тој, најавувајќи големо зголемување на трошоците за одбрана од скоро осуманесет проценти. Александар Нејл, аналитичар од Лондон оценува дека годинашниот кинески парламент е од посебна важност, бидејќи кинеските лидери ќе го искористат за да ги претстават нивните политики што треба да се разгледуваат на Седумнаесетиот конгрес на Комунистичката партија на Кина, планиран за наесен:

„На Седумнаесетиот партиски Конгрес се гледа како на дефинирачки момент кога новата генерација, таканаречената петта генерација на лидери ќе биде благосовена со цел да ја преземат власта во две илјади и дванаесетата година.“

Вели Нејл, додавајќи дека во рамките на Комунистичката партија веќе почнала трката по обезбедување места и позиции во новото раководство. Ваквото внатрешно маневрирање, според некои оценки, само ќе ја оддалечи партијата, односно владата од обичните кинески граѓани. Впрочем делегатите на годинашниот парламент се назначени од Комунистичката партија. Од друга страна, како што јавуваат агенциите, илјадници полицајци се распоредени со цел да ги спречат граѓаните да се собираат на плоштадот Тјенанмен, местото каде што заседава кинескиот парламент.
XS
SM
MD
LG