Достапни линкови

Тројцата обвинети веќе се изјаснија за невини


Во Хашкиот трибунал денска почнува судењето против поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај и уште двајца негови соработници. Ќе го отвори главниот обвинител Карла дел Понте. Тројцата обвинети веќе се изјаснија за невини.

Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај се соочува со максимална казна доживотен затвор доколку се докаже дека е виновен за воени злосторства, вклучувајќи, убиства, силувања и тортура врз србите на Косово. Всушност на Харадинај кој беше командант на ОВК и на неговите двајца соработници им се суди за, како што се наведува во обвинението од триесет и седум точки, злосторства врз цивили во околината на Дечани меѓу април и септември 1998 година. Харадинај ја отфрли вината наведувајќи дека е навреден од ваквите обвинувања. Косовскиот премиер Агим Чеку пак оцени дека Харадинај во Хаг не се брани само себе, туку и, како што вели, косовската војна за слобода. До ова судење доаѓа по отфрлањето на Белград на планот на специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари со кој се предвидува ограничена независност за Косово. Деновиве Косово беше излепено со билбоарди со слогани за поддршка на Харадинај. По војната тој извесно време беше и премиер на Косово, но поднесе оставка во март две илјади и петтата година кога доброволно му се предаде на Хашкиот трибунал.

„Јас сум целосно невин. Како резултат на ова обвинение денеска поднесов оставка на функцијата премиер на Косово. Утре заминува за Хаг, малку да се одморам и да го продолжам патот за независно Косово.“

Изјави тогаш Рамуш Харадинај. Неколку месеци потоа тој беше пуштен дома до почетокот на судењето. Нему како лидер на Алијансата за иднината на Косово му беше дозволено во ограничена мера да настапува и јавно. Тој во Хаг се врати кон крајот на минатиот месец, додека другите двајца обвинети судењето го дочекаа во притвор.
XS
SM
MD
LG