Достапни линкови

Берзанските светски шокови не влијаат врз македонската берза, велат надлежните


Неделава што измина инвеститорите во светот беа потресени од падот на вредноста на акциите во Кина што предизвика пад и на другите светски берзи. И додека аналитичарите калкулираа дека се работи за најголем шок по 11 Септември 2001 година, кога заради терористичките напади во Америка акциите вртоглаво паѓаа берзанските работници кај нас велат дека на домашната берза не се почуствувало ништо:

„Ние не сме поврзани ниту со Индија, ниту со Кина, ниту со Бразил значи кај нас се тргуваат наши компании, односно нема странски компании со кои што се тргува.“

вели Зоран Колев директор на Дирекцијата за вршење на услуги со хартии од вредност при Комерцијална Банка. Тој додадва дека кај нас состојбата е спротивна поради периодот на истакнување на завршните годишни пресметки на компаниите:

„Врз основа на остварените резултати затоа што сеуште не се исплатени дивидентите, цените растат.“

Според Маријан Николов од Центарот за економски анализи, случувањата во светот нема да влијаат на ниту еден дел од домашната економијата во однос на намалување или зголемување на цените, затоа што како што вели, Македонија е економски затворена земја:

„Оние влијанија што се случуваат на светските берзански пазари, нема да влијаат на Македонија и нема да се доживеат никакви штети. Значи, може да доживеат само евентуално оние компании кои што директно соработувале со оние компании на кои што им е намалена цената на акции на берзанските пазари.“

вели Николов и додава дека промени нема да почуствуваат ниту граѓаните:

„Штом економијата нема да почувствува, мое мислење е дека граѓаните пак воопшто нема да почувствуваат промени, затоа што капиталната сметка на граѓаните на Македонија е затворена за она што значи шпекулации на пазар на капитал надвор од Македонија.“

Ниту рудникот Бучим чиј бакар се продава исклучиво на светските берзи не доживе загуба поради падот на индексот:

„Незачително затоа што дури и цената на бакарот на берзата малку се зголеми сега повторно бележи мал пад, но главно е стабилна цената, така што ние како фабрика за производство на бакарен концентрат тоа не го почувствувавме директно.“

Вели директорот на рудникот Николајчо Николов.
XS
SM
MD
LG