Достапни линкови

Занимавајќи се со себе си, ги заборавивме реформите, велат експертите


Занимавајќи се со самите себе си ги заборавивме реформите, што го загрозува нашиот напредок кон евроатлантските интеграции. Ова е оценка на експертите од земјава откако забелешките дојдоа и директно од врвот на ЕУ и НАТО во текот на февруари. Од 2005-тата темпото на реформите е забавено порача Оли Рен. Неуспешноста на политичкиот дијалог ќе влијае на патот кон евроатлантските интеграции, порача генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер во тоа име укажувајќи на итноста од решавање на проблемот:

„Главниот проблем е проблемот на нарушените меѓуетнички односи и тоа е еден концентриран притисок врз Македонија, врз македонската политика да се воспостави нормално функционирање на политичките институции и тие позабрзано да ги носат законите кои што се однесуваат на законите за нашето членство во НАТО и ЕУ.“

Оценуваа професорот Денко Малески.
Проблемот на нарушените меѓуетнички односи ја создава клучната кочница за движење нанапред , за спроведување на реформите во судскиот систем, во економијата, образованието, владеењето на правото. Тоа пак ја прави очигледна пораката дека се загрозува патот кон евроатланстските интеграции особено ако кризата која почна по последните избори ескалира, нагласува проф. Малески:

„Потребно е нормално функционирање на Парламентот, на институциите. Што значи дека треба да се врати политичката партија која апстинира од работата и да се најде решение за тој проблем, за да може системот што побрзо да се движи кон НАТО.“

Реформите се процес што не завршува туку трае, а забелешките што ги добиваме ги разбираме добронамерно. Наша определба е да ги интензивираме реформите на кои секојдневно се работи, вели портпаролот на Министерството за надворешни работи, Шпреса Јусуфи:

„Ние сме охрабрувани да продолжиме, да ги забрзаме реформите, да покажеме резултати. Оценка за забавување ние досега не сме добиле.“

Како и да е државниот врв на иницијатива на Претседателот треба да се сретне идната недела за да разговара токму за овие проблеми. Пораката гласи, Македонија мора во наредниот период да ги удвои напорите за приближување кон ЕУ и НАТО. Мора да се забрза темпото на реформите во судството, во јавната администрација, да ја засили борбата против корупцијата и криминалот, да се оствари ефективен дијалог меѓу власта и опозицијата, порача Црвенковски. Според најавите ќе се разговара и за назначувањето амбасадори во клучните светски центри, пред се во Брисел и Вашингтон, една од битните слабости во обезбедувањето позитивна клима за земјава на патот кон евроатланстските интеграции. Македонија доби најава дека во 2008-та ќе добие покана за членство во НАТО Алијансата, а новоназначениот амбасадор во Вашингтон, Зоран Јолевски си даде задача да ја увери американската јавност дека Македонија го заслужува тоа.
XS
SM
MD
LG