Достапни линкови

logo-print

Клучно е Македонија да обезбеди политички консензус, велат од канцеларијата на ЕУ


Немањето на политички дијалог и бојкот на Парламентот вчера го критикувале и словенечкиот премиер Јанез Јанша. Потсетувајќи се на состојбата во неговата земја пред да влезе во Унијата тој изјави дека политичките партии тогаш без разлика дали биле од опозиција или на власт се согласувале за носењето на реформските закони кои биле важни за нивната интеграција. И во Македонија состојбата е слична. Од партиите велат дека се свесни за важноста на носењето на реформските закони, но на терен немањето на консензус, дијалог и отсуство од Парламентот ги закочуваат тие процеси. За состојбата се обвинуваат меѓусебно. Рафиз Алити од ДУИ вели дека одговорноста е на премиерот Груевски:

„Јас мислам дека г-динот Груевски го доби мандатот од народот и мислам дека требаше подобро да го менаџира тој мандат.“

ДУИ пак веќе ги испорача своите барања за седнување на заедничка маса. Алити вели дека сеуште до нив не стигнал никаков одговор од власта или од владеачката ВМРО ДПМНЕ. Но, иако од денешната инстанца не може да предвиди, Алити вели дека ако се води сериозен разговор може да направат и мали остапки:

„Ако сериозно се пристапи кон решавање на сите тие проблеми со кои се соочуваме како држава мислам дека ќе најдеме заеднички јазик.“

Вештачко одложување на реформскиот процес внатре во Парламентот преку поднесувањето на амадмани и долги дискусии, а не немањето на дијалог е она што ги кочи евроитеграциите, вели Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ. Дијалогот пак кој што започна на ниво на работни групи сега е во фаза на мирување:

„Овие денови траат и внатрепартиските консултации во повеќе политички партии. Треба конкретно да се договориме за новиот собраниски Деловник, понатаму за задолжителното средно образование, за воведувањето приватно освновно образование и цела низа на прашања кои што следуваат.“

И додека дијалогот не профункционира и не се постигне консензус, од Канцеларијата на Европската Унија во Скопје велат дека реформите остануваат клучен аспект во однос на идната евроинтеграција на државата. Повикувајќи се на изјавата на комесарот за проширување Оли Рен дека има одредено успорување на реформите во однос на имплементацијата, од канцеларијата додаваат дека во овој момент клучно за Македонија е да обезебеди политички консензус во однос на нејзината европска агенда.
XS
SM
MD
LG