Достапни линкови

Распишани 940 нови вработувања во државната администрација


940 места за нови вработувања во државната администрација се распишани од страна на актуелната Влада. Министерот за финансии Трајко Славевски во изјава за Радио Слободна Европа потврдува дека власта се соочува со притисоци да не се зголемува бројот на вработените државни службеници, но тој посочува дека работните места мора да се пополнат со квалитетни кадри согласно нашите евроатлантски аспирации:

„Факт е дека има притисок врз вработувањата во државната администрација, но има структурни проблеми. Задача на секоја Влада е во рамките на јавната потрошувачка под строга контрола да ги „држи“ вработувањата во јавниот сектор тоа го правиме и ние но сепак мора да одговориме на обврските што произлегуваат и од партнерството со ЕУ.“

Славевски поголемиот дел од новите вработувања ги правда со обврски за правична застапеност согласно Рамковниот договор или своеволно заминување на сега вработените, но вели тој, најголемиот број односно 444 од новите отворени работни места се лица примени од претходната Влада чиј статус сега ќе се регулира односно ќе им бидат издадени решенија за работен однос:

„Понатаму во таа бројка 350 согласности се за професионални војници во Армијата, потоа 99 преведувачи за албански јазик кои што биле примени повторно од претходната Влада и 100 најдобри студени, односно да потсетам минатата Влада имаше една акција каде што беше понудено на 100 најдобри студенти од Универзитетите да се приклучат кон јавната администрација и сега исто така, со промена на власта некои лица по сопствен избор заклучиле дека навистина имаат други можности на друго место да се ангажираат.“

Вели Славевски. Експертите укажуваат дека ова не е решение. Секои четири години од актуелните власти, вели професорот по управно право од Правниот факултет Борче Давитковски ни се случува истото, а крајниот резултат е партизација на администрација. Според него решението е во воведување на т.н. систем од кариера, познат во повеќе европски земји како Германија или Франција:

„Се вработува како соработник или помлад референт и без разлика дали ќе се укине или не според систематизација, тој треба да чека три години, па три години, да биде оценуван, да напредува итн.“

Забележува професор Давитковски. Во Македонија 120 илјади лица се вработени во државната администрација. Според проценките и укажувањата на меѓународните финансиски институции, нивниот број треба да се преполови.
XS
SM
MD
LG