Достапни линкови

Словенија го поддржува влезот на Македонија во ЕУ и НАТО


Преставниците на словенечката власт во последниве неколку месеци пратија пораки со јасни сигнали дека го подржуваат влезот на Македонија во Европската Унија и во НАТО. Премиерот Јанез Јанша минатиот месец во Стразбур изјави дека државава може да го добие датумот за почетокот на преговорите во 2008 година за време на нивниото претседавање со Унијата. Неколку дена подоцна пак, министерот за надворешни работи Димитриј Рупел при посетата на Скопје изрази подготвеност Словенија да ги пренесе своите искуства на Македонија.
Коментирајќи ја изјавата на Јанша, Рупел додаде:

„Премиерот Јанша во Стразбур веќе ја најави можноста дека во периодот на словенечкото претседателство може да започнат преговорите меѓу вашата земја и Унијата, но тоа незначи дека Македонија не треба да работи, туку дека пред вас претстои многу работа.“

Инаку Словенија е важна и за интеграцијата во НАТО. Имено словенечката Амбасада од почетокот на годинава од британците ја презеде улогата на контакт амбасада на Алијансата. Амбасадорот Маријан Шифтар потенцирајќи ја уште еднаш подршката од неговата земја по јануарската координација на министерот за надворешпни работи Милошоски со амбасадорите на земјите членки на НАТО, слично како и Рупел посочи дека Македонија треба да продолжи со реформите:

„Задачите се јасни и познати. Реформи на одбрамбениот, судскиот систем, економските програми и се останато што е и дел од агендата на македонската Влада.“

Во делегацијата која два дена престојува во Македонија покрај премерот Јанша и министрите за надворешни работи и економија присутна е и стопанска делегација. Словенечките бизнисмени ќе се сретнат со македонските во рамки на дводневниот форум. Марија Весова портпарол на Министерството за економија вели дека Словенија е наш значаен трговски партнер и се наоѓа на деветто место на листата земји со кои имаме најголема трговска размена:

„Во 2006 година вкупната трговска размена е зголемена за скоро 7% извозот е зголемен за 29,5 а увозот е на ниво од 2005-та година. Зголемувањето на извозот во 2006-та година во однос на претходната година е резулатат на зголемениот извоз на топловалавни производи од железо, на заварени цевки со кружен пресек.“

објаснува Весова.
XS
SM
MD
LG