Достапни линкови

logo-print

Кампањата за сузбивање на корупцијата ќе продолжи


Во Министерството за внатрешни работи велат дека кампањата за сузбивање на корупцијата во редовите на полицијата ќе продолжи, за што во Министерството за внатрешни работи веќе е изготвена Антикорупциска стратегија која треба да ги даде резултатите во битката против корупцијата. Во меѓувреме 35-мина од вкупно 41 уапсено лице за примање поткуп, најголемиот број полицајци, но и цариници и угостители остануваат во притвор, мерка што им ја изрече скопскиот основен суд. Акцијата беше спроведена на граничните преминини Деве Баир, Богородица, Меџитлија и Табановце. Зошто во акцијата ги нема премините Ќафасан и Блаце односно граничните премини кон Албанија и Косово, во МВР велат:

„Незначи дека нема да бидат опфатени полицајци и цариници од другите премини. Во оној момент кога ќе имаме доволно материјални докази односно дека припадници на МВР се инволиврани во некаков криминал ние ќе излеземе со податоци.“

Истакнува портпаролот на МВР Иво Котевски. Дека ваквиот тип на акции треба да се спроведуваат редовно, а не тоа да бидат само ат хок кампањи, укажува и стручната јавност. Слаѓана Тасева поранешен претседател на државната Антикорупциска комисија истакнува:

„Значи воопшто не требаше да станува збор за акции, туку ова треба да биде редовна активност на службите, посебно на полицијата и на царината.“

Полициската се смета дека е меѓу професиите каде вработените најчесто директно се соочуваат со проблемот на корупција. Тасева која е и актуелен директор на Полициската академија уверува дека во едукативниот процес на идните припадници на МВР во Академијата тие се образуваат како да се справат со овој проблем но:

„Мислам дека покрај едукацијата, треба навистина во практиката да се инсистира на системи на контрола кои што ќе можат да придонесат за заживување на етичко и професионално однесување на полицијата.“

посочува Тасева. Во МВР велат дека за идниот статус по апсењето на полициските службеници ќе одлучува Дисциплинската комисија која треба да донесе одлука за тоа на кој начин тие ќе бидат казнети, односно дали ќе добијат решенија за отказ:

„Откако ќе заврши таа постапка ќе се знае дали и кога би се распише евентуално нов конкурс за да се пополнат испразнетите места.“

изјавува Котевски.
XS
SM
MD
LG