Достапни линкови

Закон против истакнување нацистички симболи во Хрватска?


Неодамна во некои делови на Хрватска, во неколку кафулиња се појавија ќесички со шеќер со ликот на Адолф Хитлер и навредливи шеги на сметка на Евреите. На ваквата појава реагираше Центарот Симон Визентал, предупредувајќи ги хрватските власти да ја спречат ваквата појава.

Центарот Симон Визентал ги повика хрватските власти со примена на законите да го натераат претпријатието Пинки од Пожега да престане да произведува и дистрибуира ќесички шеќер на кој има цртеж на Хитлер и една антисемитистичка шега. Центарот изрази одбивност и гадење што таков производ се произведува во држава во која не само што се случил Холокауст, туку и во најголем дел го извршиле локални нацистички соработници.

Директорот на центарот, Ефраим Зуроф објаснува зошто се случуваат вакви работи во Хрватска.

„Таму се уште има луѓе кои имаат симпатии кон фашистите и кои се носталгични кон усташите. Тоа е единствениот начин на кој може да се објасни оваа појава. Секако дека така не мислат сите, не се работи за целата држава, целиот народ, мнозинството е ужаснато од тоа што се случи.
Но, во Хрватска се уште има луѓе кои мислат дека Павелич беше херој и тука е проблемот,“


вели Зуроф

Според хрватските медиуми, ќесичките со шеќер се забележани во некои кафулиња во Госпич. Уредникот на хрватското радио Госпич, Маринко Смолчич вели дека имало реакции од граѓани кои го осудуваат ваквиот чин и додава дека појавата не е забележана само во Госпич туку во цела Хрватска.

Портпаролот на Еврејската заедница во Хрватска, Јасминка Домаш објаснува дека се додека граѓаните не станат доволно свесни за чувствителноста на ваквите појави, како што е дистрибуцијата на нацистички и усташки симболи, потребно е да реагира некој од надвор.

„Треба да научите дека тоа во цивилизираниот свет не е ниту нормално, ниту духовито. Со тоа се изразува не само непознавање на историјата,туку и потполно непочитување на жртвите на Холокаустот. Не верувам дека на некоја фирма во Европа би и дошло на памет тоа да го направи и да мисли дека притоа ќе помине незабележано и неказнето. На пример во Германија или во Австрија, на луѓето кои одобриле таква дистрибуција сигурно би им се судило и би следеле затворски казни,“

вели Домаш.

Овој случај, за жал, повторно го сврте вниманието на светските медиуми кон Хрватска. Обидот на некои да ја минимизираат неговата сериозност, тврдејќи дека се работи за ќесички шеќер од 5 грама, само дополнително предизвикува вчудоневиденост, но истовремено и го отвора прашањето, уште колку треба да се чека Хрватска да донесе закон според кој истакнувањето на нацистички симболи би се казнувало.
XS
SM
MD
LG