Достапни линкови

Драгољуб Арсовски, главен државен ревизор. Нема никакви притисоци во работата на државниот завод за ревизија


Господине Арсовски, често во медиумите државниот завод за ревизија обелоденува одредени неправилноста во трошењето на државните пари. Какви се вашите ингеренции, дозволуваат ли да ги финализирате случаите?

Ние имаме ингеренции да вршиме ревизија кај се што е државно. Односно, сите институции и компании, буџетски корисници или како што ние го нарекуваме субјекти, каде што државата има доминантна сопственост, а такви се 1,700 субјекти. Она што државните ревизори го наоѓаат, ние јавно го обелоденуваме на веб страницата според законските прописи. Пред тоа има фаза на можност субјектот да даде приговор и потоа откако ќе биде објавен конечниот извештај ние продолжуваме со нашите анализи и според законската обврска, субјектите мора да не известат во рок од 90 дена што направиле во врска со нашите наоди. А, исто така, онаму каде што ќе има наоди кои влегуваат во доменот на криминални активности, ние паралално работите со надлежните органи како УЈП, анти корупциската комисија, финансиската полиција, МВР, се разбира со јавното обвинителство и сите надлежни институции за постапката.

Кои откриени случаи ги сметате за најголем успех?

Во областа на буџетските корисници, во изминатиот период имавме наоди кои и ден денеска се актуелни, тоа е случајот Бачило, наодите во Министерството за одбрана, наодите во случајот УПА Ентерпрајз во Министерството за траспорт. Кај јавните претпријатија имавме доста коментирани наоди кај јавните претпријатија на градско ниво, кај Паркови и зеленило, Водовод итн. Кај единиците на локална самоуправа, да речеме наодите објавени во извештајот за градот Скопје, одлуките донесени за Еуростандард банка и одредени должничко доверителски односи со градот Скопје. Кај областа на фондовите, кај фондот за здравство, должничко доверителските односи што се среќаваат меѓу медицинските центри и фондот за здравство се огромна болка на здравсвтвениот систем. Кај медицинскиот центар Тетово и Битола наодите предизвикаа и натамошни постапки.

Се случува ли некогаш институциите во кои одите да вршите ревизија да не сакаат да соработуваат?

Се случува. Мислам најчесто несоработката се одвива на начин што или не се дава доволен пристап до документацијата или не се обезбедува целосната документација. Јас се сеќавам на случајот со Министерството за транспорт и врски, каде што одредена процедура за давање на градежно земјиште во директна спогодба, концесии, нашите ревизори не успеаја да обезбедат податоци.

До каде е процедурата за трошењето на партиите во предизборието?

Па, за жал законските прописи во тој дел се недоречени. Значи, ако го читате изборниот законик, нашата улога завршува со објавувањето на извештаите и доставувањето до надлежните институции, тука се мисли на анти корупциската комисија, УЈП и ДИК. Ние тие институции ги известивме. Но, нема што после. И во законот не се кажува што ако се потрошат повеќе пари по единица гласач или што ако по еден гласач или кои се ингеренциите понатаму.

На тркалезната маса истакнавте дека ви е потребна поголема независност, пред се, финансиска. Зошто, влијае ли власта врз вашата работа?

Морам да ви кажам дека нашата работа како што е регулрирана во делот на вршењето на активностите е независна и самостојна. Значи, еве јавно да се каже врз работата на државниот завод за ревизија и врз мене лично не постојат никакви притисоци од било кој и од тој аспект институцијата е правилно поставена во државата. Но, во процесот на приближување на Македонија до ЕУ, постојат уште некои работи кои треба да се направат за да да подигне нивото. Што е поентата? Се бара, државниот завод за ревизија да стане со уставна категорија. Во моментот државниот завод за ревизија има највисок степен на финансиска независност во Република Македонија како репуличкиот судски совет, но во земјите членки на ЕУ има и чекор повеќе, а тоа е во случај да не се најде на разбирање кај министерството за финансии, да има право институцијата директно пред парламентот да ги образложи своите програми и тоа што ќе го одлучи парламентот станува дел од буџетот на институцијата. Значи, ние не сме надвор од буџетот. Но, тој чекор е потребно да се обезбеди.

Како институција бевте испровоцирани од изјавата на премиерот Груевски дека државниот завод за ревизија работи со ограничени човечки капацитети. Каква е состојбата?

Па, ние благодариме на таа изјава на премиерот Груевски. Навистина тоа зборува дека владата ги согледува состојбите во институциите. И тоа дека државниот завод за ревизија работи со ограничени човечки капацитети е факт. Со овој капацитет од 78 вработени, со 64 непосредни ревизори распоредени во 16 тимови, ние можеме да покриеме нешто повеќе од половина од расходната страна на буџетот и плус некои од јавните претпријатија и фондовите. За да го зголемиме овој процент на покриеност мора да оди повисоко кон 70 – 80 насто. Според нашата стратегија за развој до 2011 година, ние цениме дека треба да бидеме на ниво од 125 вработени за задоволување на овој услов. Тоа договарање со министествата оди секоја година. Во 2007 ќе зголемиме 5-6 вработени, но тоа е далеку од потребите, така што во таа насока изјавата за ограничени капацитети е точна и дека треба да се преземат мерки.
XS
SM
MD
LG