Достапни линкови

Иран не го исполни барањето на ОН за запирање на процесот на збогатувањето ураниум


Меѓународната агенција за атомска енергија се очекува во извештајот што треба да го објави денеска или утре да потврди дека Иран не го исполнил барањето на Советот за безбедност на Обединетите Нации за заприрање на процесот за збогатување ураниум. Соединетите Држави најавуваат поцврсти санкции, но на ова, по се изгледа, негативно ќе одговорат Русија и Кина.

Шеесет дневниот период што му беше даден на Иран за да ја прекине својата нукеларна програма истече вчера и сега Техеран се соочува со ограничени санкции кои пред два месеца беа одобрени од Советот за безбедност. Иранскиот претседател Махмуд Ахамдинеџад изјави дека поседувањето нуклеарна технологија е многу важно за развојот и за честа на неговата земја. Збогатувањето ураниум може да се употребува како гориво во нуклеарните централи, но исто така и за производство на атомска бомба. Иран уверува дека неговата нуклерна програма е потполно за мирољубиви цели и оти како член на Договорот за неширење на нуклерното оружје има право да збогатува ураниум:

„Ние рековме дека сме подготвени на преговори, но само под еднакви и фер услови. Вашите постројки за збогатување ураниум работат деноноќно, а од нас очекувате да ги запреме и да продолжиме да ве молиме за она што е наше право. Иран нема никогаш да прифати такво понижување.“

Понудата на претседателот Ахмадинеџад дека Иран би можело да го запре збогатувањето ураниум само доколку тоа го сторат и западните земји веднаш беше отфрлена од официјален Вашингтон:

„Најдобриот курс за Иран би бил да го запре збогатувањето за да можеме да им се вратиме на преговорите. Тоа е и целта на притисокот врз иранскиот режим.“

Изјави американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Соединетите Држави и Британија кои се сомневаат дека Иран тајно работи на развивање нуклеарно оружје најавуваат зголемување на притисокот врз Исламската република. Но, Русија и Кина, постојани членки на Советот безбедност кои имаат огромни економски интереси во Иран, се изјаснија против таквите поцврсти санкции. Според нив, тие нема да доведат до трајно решение на нукераниот ќорсокак од кој може да се излезе само со преговори. Нив ги посакува и Техеран кој вели дека за време на преговорите ќе понудел гаранции дека не сака да развие нуклеарно оружје:

„Ако некој е заинтересиран за неразумно и грубо однесување, тогаш тој ќе добие и таков соодветен одговор. Всушност, единствениот логичен пат за решавање на ова прашање е преку преговори.“

предупреди иранскиот главен преговорач Али Лариџани во вторникот во Виена по разговорите со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мухамед Ел Барадеи. Тој пак од двете страни побара да земат тајм оут со цел да се дојде до преговори. Тоа, според него, би значело, Иран да го прекине збогатувањето, а Обединетите нации да ги суспендираат санкциите против Техеран.
XS
SM
MD
LG