Достапни линкови

Михајло Маневски, Министер за правда: Четирите Хашки случаи тест за македонското судство


Неодамна еврокомесарот Оли Рен упати отворена критика поради застој во реформите, каква е состојбата во вашиот ресор?

Па ние сме свесни за тоа дека Македонија е исправена пред предизвикот да остварува крупни реформи во сите свери на општественото живеење, а од особено значење се судските реформи и тие се од примарно значење во функционирањето на министерството за правда, па соглано тоа во 2006 година согласно стратегијата што беше усвоена, беа усвоени неколку значајни реформиски закони, како што е Законот за судовите, законот за Судскиот совет на Македонија, законот за обука на судии и јавни обвинители, законот за извршување, законот за медијација и други закони кои што треба да значат премин кон едно поефикасно функционирање во целина на судскиот систем во Македонија.

Сметате ли дека токму тоа што Судскиот совет делува во некомплетен состав, влијае врз неговата работа?

Па мислам дека не би било исправно ако кажам дека не влијае, секако дека влијае и секако дека функционирањето на Судскиот совет подразбира негово целосно комплетирање со останатите пет члена за кои што ние очекуваме дека тоа треба да биде сторено без да се чека ниту еден.

Вие сте човек кој што од Антикорупциската комисија дојде на чело на Министерството за правда, сега имате можност од посочување да делувате во однос на спречување на корумпираноста на судиите, многу граѓани ја чувствуваат врз своја кожа, така велат, корумпираноста на судиите. Како ќе се справите со тоа?

Па мислам дека веќе Судскиот совет кој што е конституиран каде што е избран претседател и заменик претседател и кој што веќе одржа неколку седници каде што ги донесе потребните акти за неговото функциорниање веќе презема определени конкретни чекори со тоа што се разгледуваат сите преставки на граѓаните што се доставени до Судскиот совет и оние што се доставени до Министерството за правда, а во кои граѓаните укажуваат на злоупотребата на правата или пак на некои појави на корупција и Судскиот совет веќе презема мерки за покренување на конкретна постапка во врска со утврдување на одговорност и за разрешување на тие судии кои што на одреден начин се огрешиле од законот и сториле казниви дела, вие знаете дека се спроведе кривична постапка за еден судија од Основниот суд во Гостивар, за судија од Основниот суд во Виница, за претседателот на Основниот суд во Кочани итн.

Вие неколку пати најавувавте дека од особено значење е носењето на законот за јавни обвинители. Најновиот обвинител се избра по стариот закон, претходно Прчевски посочуваше недоследности во законот дека му биле „врзани“ рацете. Очекувате ли новиот обвинител да работи неполитизирано, послободно?

Па мислам дека донесувањето на законот за Јавното обвинителство е едно од клучните прашања на кое што Министерството за правда работеше овие неколку месеци и законот за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители веќе се подготвени. Мислам дека се работи за еден значаен закон за кој што Јавниот обвинител го поставува на сосема поинаква позиција, јакнат ингеренциите на Јавниот обвинител во предистражната постапка, да може сите органи да му доставуваат податоци, односно да нареди да му бидат доставени, да врши увид во банкарски сметки да нареди да му се достават податоци, а не како што беше до сега „да може да бара“ а тоа понекогаш се претвараше во чекање со месеци или со години па се случуваше да дојде до застарување на определени кривични постапки, значи целта е да се забрза постапката да се обезбеди ефикасно откривање на сторителите на кривичните дела и особено она што сега е најзначајно на делата на организираниот криминал и корупцијата.

Но, новиот обвинител е избран по стариот закон очекувате ли да биде попродуктивен и поекспедитивен во својата работа иако е избран по стариот закон?

Новиот Јавен обвинител е избран согласно закон. Стариот закон важи се додека не се замени со новиот закон и тоа е експлицитно наведено во членот 4 во уставниот закон за спроведување на уставните амандмани.

Оваа година ќе биде своевиден тест за судството со враќањето на четирите случаи од судот во Хаг. Беше најавена соработка со Хашкиот Трибунал, беше најавено дека ќе се праќаат и судии на до едукација во Хаг… Подготвено ли е судството за враќањето на четирите случаи?

Република Македонија постапува во исполнувањето на определени критериуми кои што треба да ги исполни, а тоа е да се обезбеди едукација на кадрите. Една група од судии и јавни обвинители на крајот на јануари беше во Сараево каде што имаше определена едукација во примената на тие меѓународни норми, веќе е договорено прва група на судии и јавни обвинители да го посетат и Хашкиот трибунал, ние тоа го договоривме и при последната посета на г-ѓата Дел Понте и претседателот на Хашкиот суд Фаусто Покар и мислам дека се преземаат и други мерки кои што се неопходни заради тоа да се обезбеди остручување на кадрите, да се обезбедат и други услови кои што се неопходни за етапно или постапно прифаќање на овие случаи.

До сега постоеше една слика дека судството е партизирано, односно политизирано. Ќе се избегне ли таквата слика во судењето на овие четири Хашки случаи?

Па не би го поврзал само со четирите Хашки случаи иако тие можат да бидат своевиден тест за судството во Македонија, меѓутоа мислам дека во целина она што значат реформи на правосудството, треба да обезбедат политиката да биде надвор од судството.

Зошто сеуште се чека на екстрадицијата на Методија Смиленски. Имавте изјавено пред Нова Година дека тоа ќе се случи многу брзо?

Секако дека долго е тоа време во кое што се спроведува оваа постапка, некаде од месец јули 2006 година и се надеваме дека со оглед на најавата за поднесена жалба на решението на управната постапка, дека и таа постапка ќе биде завршена и конечно ќе се реализира екстрадицијата на Методија Смиленски во Македонија.

Кој ја кочи процедурата, зошто трае толку долго постапката?

Па сега процедурите секако се прашања на националното законодавство, меѓутоа ние мораме да ги имаме во предвид и меѓународните конвенции кои што ја уредуваат оваа област, според кои таа постапка мора да биде поефикасна и пократка.

Очекувате ли побрза да биде постапката за Станислава Чочоровска?

Па гледаме дека се повторуваат исти состојби во врска со барање на државјанство, па жалба на решението за одбивање за добивање државјанство, секако дека Станилава Чочоровска Полетан е државјанин на Македонија и таа согласно барањето и одлуката за спроведување истражна постапка од страна на Основниот суд во Скопје, очекуваме да биде исто така екстрадирана во Македонија заради спроведување на законот.

Каква е вашата соработка со соодветните органи во Србија во врска со овој случај?

Мислам дека кога се работи за соработка очигледно треба да се има во предвид билатералната соработка, склучените договори за соработка, но тука мораме да ги имаме во предвид и меѓународните конвенции за екстрадиција кои што ја регулираат оваа материја и кои што и доколку немаат донесено такви билатерални договори помеѓу државите тие конвенции се применуваат непосредно.

Веќе слушнавме како фукнционираат коалиционите партнери внатре во Владата на Груевски. Како функционирате вие како непартиски член во оваа Влада?

Јас функционирам како човек кој што 35 години го спроведува правото, кој што ја спроведува програмата на Владата, она што треба да значи ефикасност во реформите во судството, реформи во целина во државата, тоа е мојата примарна обврска, а втората е пред се обезбедување на реформи во судството, во организираниот криминал и она што значи пред се наш легитимитет дека во Македонија владее правото и законите.

Споменувате закони, но кај нас се има впечаток дека се носат законите, но дека тешко се спроведуваат, односно тешко граѓаните можат да ги почувствуваат ефектите од законите?

Мислам дека ние не се определуваме само вербално за спроведување на законите, туку се бориме за конкретно спроведување на законите. Значи нашата битка ќе биде законска рамка, но ќе биде пред се одговорност за примена на законите. Мислам дека само на тој начин ќе ја смениме таа ментална матрица, создавана долги години, во смисла имаме закон и значи дека тоа го спроведуваме, што немора да биде точно. Затоа нема да бидеме само декларативни туку ќе се бара од секој носител па и на судска функција, одговорност доколку не се почитуваат и спроведуваат законите.
XS
SM
MD
LG