Достапни линкови

logo-print

Некоординација за промените во Владата, во меѓувреме прегрупирања и во опозиционите партии


Дали ротацијата во владиниот кабинет со која ДПА ќе добие уште еден министер ги затегнува односите во Владата или станува збор за некоординација? Ова е прашање што се наметна откако Тито Петковски побара од премиерот да одговори, како предлогот Џелал Бајрами да биде министер за животна средина дошол без консултации. Новонастанатата ситуација како што вели Петковски ќе биде појасна по седницата кога на дневен ред во Собранието ќе се најде разрешувањето и именувањето на членови на Владата:

„Јас сакам да верувам дека е некоординација. Дали ќе дојде до затегнување зависи дефинитивно од исходот после седницата на Собранието, доколку имаме договор внатре во коалицијата дека тоа решение значи унапредување на работата на Владата и консолидација на односите внатре меѓу политичките партии тогаш тоа може да значи олеснување, во спротивно може да значи затегнување.“

За новонастанатата ситуација Оливер Шамбевски од ВМРО-ДПМНЕ вели:

„Не, не сметам дека на кој и да е начин ги затегнува односите.“

Случувањата доаѓаат во време кога Владата е под притисок на претставниците на меѓународната заедница кои бараат политичка стабилност во релациите со опозицијата, особено со ДУИ. Последните настани го отвараат и прашањето дали тие претставуваат вовед во поголема реконструкција на владиниот кабинет, но Петковски оценува дека сега нема потреба од тоа. Од друга страна, промени на политичката сцена има и во опозицијата. ЛДП која во изминатите седум години беше дел од коалицијата со СДСМ ќе настапува самостојно. Андреј Жерновски вели:

„Не би можело ова да се разбере како осипување на опозицијата, напротив затоа што ЛДП останува во опозиција и сметаме дека е подобро и за опозицијата и воопшто за политичката сцена и партнерите во опозицијата да имаат различни ставови за одредени прашања. Ако критиката на опозицијата биде опфатена од различни аспекти тоа уште повеќе ќе ја збогати палетата која што ќе се понуди на сите проекти кои што доаѓаат од Владата.“

И во СДСМ велат дека и со најавените нови активности на ЛДП, коалицијата продоложува заедно да биде фокусирана во политичката битка против Владата:

„СДСМ ги почитува сите активности на коалиционите партнери кој се во насока на подигање на сопствениот рејтинг. Апсолутно нема никаква криза во коалицијата, напротив имаме редовна координација и заедно сме фокусирани против оваа антиреформска Влада која континуирано ја турка Македонија во криза.“
XS
SM
MD
LG