Достапни линкови

Дел од Албанците на Косово и парламентот на Србија против планот на Ахтисари


Генералниот секретар на НАТО Јап де Хоп Схефер денеска во Приштина на разговори за безбедносната ситуација на Косово откако во минатата недела загинаа две лица кои протестираа против планот на пратеникот Ахтисари за косовскиот статус. Против неговиот план синоќа се изјасни и српскиот парламент, оценувајќи дека со предлогот на Ахтисари се крши сувернитетот и територијалниот интегритет на Србија како меѓународно призната држава.

Усвоената резолуција, чиј предлагач беше владата на Србија, претставува основа за настап на српскиот преговарачки тим во новата етапа на преговориза Косово што на дваесет и први овој месец, со посредство на пратеникот Марти Ахтисари треба да почнат во Виена. Премиерот Воислав Коштуница, обраќајќи им се на пратениците во собранието само го сублимира она што го содржи резолуцијата:

„Залудни се сите притисоци и бесмислени се сите понуди и сето она што некои го нарекуваат моркови со цел Србија да се откаже од овие принципи. Едноставната вистина гласи, за Косово не постои надомест.“

изјави премиерот Коштуница за резолуцијата во која, меѓу другото, се наведува дека со предлогот на Ахтисари се кршат основните принципи на меѓународното право, бидејќи не се уважуваат територијалниот интегритет и државниот суверенитет на Србија во однос на Косово. Резолуцијата јасно посочува дека со она што го предлага Ахтисари на незаконски начин се поставуваат темели за создавање нова независна држава на територијата на Србија. Исто така се додава дека на таков начин се доведува под прашалник можноста за постигнување компромисно решение што е основна цел на преговорите за идниот статус на Косово. За западните аналитичари пак, ваквото отфрлање на планот на специјалниот пратеник Марти Ахтисари значи дека дефинитивно се уриваат надежите за компромис меѓу Белград и Приштина. Тоа, според нив, претставува и можност Советот за безбедност на Обединетите Нации да усвои резолуција за косовското прашање. Имено, по финалната рунда на преговорите во идната недела во Виена, пратеникот Ахтисари планира до крајот на март да му го претстави својот конечен предлог на Советот за безбедност на светската организација. Ова, по се изгледа, е прифатливо за официјална Приштина која оценува дека српското отфрлање на планот на Ахтисари нема да има никакво влијание врз идниот статус на Косово. ,,Важно е она што го вели Европската Унија и меѓународната заедница, а не она што го вели Белград,, смета косовскиот премиер Агим Чеку чија влада ги прифати предлозите на Ахтисари. Но, тие, за дел од албанците на Косово, не се прифатливи, поради што и дојде до трагичните протести во Приштина во кои две лица загинаа.
XS
SM
MD
LG