Достапни линкови

Обид да се преземе лидерството меѓу земјите што се против американската политика


Рускиот претседател Владимир Путин во саботата во Минхен остро ги критикуваше Соединетите Држави дека со своето еднострано дејствување, односно со наметнување на својата волја, ја поткопуваат безбедноста во светот. Официјален Вашингтон ги отфрли ваквите забелешки, но другите се прашуваат кои се причините за ваквиот говор на Путин што потсетува на оние од Студената војна. Меѓу објаснувањата е и она дека рускиот претседател се обидува да го преземе лидерството меѓу земјите кои се против американската политика.

Руско-американските односи веќе извесно време, можеби се најстудени. Во изминативе неколку години, двете страни не успеаа да постигнат некој позначаен билатерален договор, со исклучок на американското ододбрување на влезот на Русија во Светската трговска организација. Сигурно е дека говорот на Путин на Минхенската конференција не беше импровизација, ниту пак емоционален излив. Од друга страна, ни самиот Путин не верува оти со еден таков говор ќе ги присили Соединетите Држави да го сменат својот пристап во меѓународната политика. Па, од каде ваков страсен говор? Според Тед Карпентер од Като институтот во Вашингтон, Путин сака да му покаже на светот дека веќе нема премолчно да ги прифаќа американските одлуки кои и пречат на Русија. Притоа Карпентер ги наведува руските прифаќања на војните на Балканот, на двете НАТО проширувања и на американските трупи во Централна Азија. Тој додава дека е време американската влада да почне да ја третира Русија со поголем респект:

„Во Вашингтон се изгради став дека ние би можеле убаво да пловиме низ традиционалната руска сфера на интерес без Москва да преземе нешто во врска со тоа. Ваквиот став треба да се смени. Русија веќе не треба да се третира како третокласна сила.“

На ист став е и Еберхард Заиншнајдер од германскиот Совет за меѓународни односи кој во врска со позицијата на Брисел вели:

„Европа ќе треба да научи пред се, да создаде своја позиција, што и онака и е голем проблем, потоа и да научи како да соработува со Русија. Имено, без договор со Москва тешко дека ќе дојде до решавање на некој меѓународен проблем, од Косово до Иран.“

И повеќето руски аналитичари сметаат дека дека Путин со својот говор во Минхен конечно им ставил крај на времињата кога Русија морала да моли за место на меѓународната сцена. Има и такви кои велат дека Путин се обидува да ја позиционира Русија, заедно со арапскиот свет и Кина, во центарот на анти американскиот отпор. Постојат и мислења дека говорот пред се бил наменет за руската публика со цел Путин да го забетонира своето место во историјата како силен национален лидер. Во последно време се појави идејата дека Путин, иако најави оти ќе ја напушти функцијата во идната година, сепак нема да се откаже од улогата на лидер на нацијата. Го сакал тоа или не, тој со неговиот говор ја разбранува светската јавност. Тоа најдобро го покажува текстот на весникот ,,Комсомолскаја правда,, каде што се цитира еден руски бизнисмен кој вели: ,,Говорот на Путин го имаше истиот ефект како оној кога советскиот лидер Хрушчов во октомври илјада деветстотини и шеесеттата година удри со својот чевел на говорницата на Обединетите Нации. Тогаш, како и сега, Западот слушаше,,.
XS
SM
MD
LG