Достапни линкови

Ахтисари ќе ги запознае министрите со предлозите за идниот статус на Косово


Шефовите на дипломатиите на Европската Унија кои денеска заседаваат во Брисел ќе бидат запознати од специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари со неговите предлози за идниот статус на Косово. До ова доаѓа откако во саботните протести во Приштина против неговиот план загинаа две лица. Меѓународната заедница и натаму поделена во врска со последиците што косовскиот статус ќе ги има врз регионот и светот.

Владата на Косово на синоќешната вонредна седница расправаше за ситуацијата на Косово по саботниот протестнс движењето Самоопределување. ,,Насилството е најштетно за Косово,, оцени по седницата премиерот Агим Чеку, наведувајќи дека ја разбира загриженоста на граѓаните, но оти таа треба да биде адресирана на вистински начин, а не преку насилни протести. Според него, процесот на одредување на конечниот статус оди во вистинска насока.,,Единствен сигурен пат за реализирање на аспирациите за да се формира Косово како држава е политичкиот, институционалниот и дипломатскиот процес,, оцени премиерот Чеку, кој побара од надлежните да ги расветлат околностите за загинувањето на двете лица. Протести против планот на Ахтисари претходно организираа и србите на Косово:

„И секако доколку решението за Косово ни биде наметнато, србите би имале право на самоопределување и на Косово и Метохија и во Република Српска и во Црна Гора.“

Порача од петочниот протест во Митровица лидерот на косовските срби Милан Ивановиќ. Ваквите реакции на планот на Ахтисари само ја интензивираа поделеноста во светот за тоа како да се дојде до конечно решение за Косово. Неколку дена пред тоа американскиот пратеник за Косово Френк Визнер на прес конференција во Приштина изјави дека нема да има поделба на Косово.

„Зачувувањето на територијалниот интегритет на Косово е јасно пропишано во овој документ на пратеникот Ахтисари. Границите ќе бидат какви што ги знаеме сега и во врска со ова Соединетите Држави и членките на Контакт групата се цврсто решени.“

Изјави Визнер кој смета дека во завршата фаза на решавањето на косовскиот проблем многу важно е Русија и Соединетите Држави да бидат заедно. Рускиот претседател Владимир Путин на Михенскиот безбедносен собир повтори дека Москва нема да поддржи никаков меѓународен план кој нема да биде прифатен и од српската и од албанската заедница на Косово. ,,Ајде да не си играме Господ. Само косоварите и србите можат да го решат нивниот проблем,, изјави Путин. Ставот на официјална Москва неодамна го повтори рускиот министер за одбрана Сергеј Иванов:

„Ако си ја претставиме ситуацијата во која Косово добива независност тогаш народите на многу други непризнаени територии ќе ни речат: зошто ние сме полоши од нив? Тоа ќе предизвика верижна реакција. Со други зборови мораме да бидеме претпазливи за да не ја отвориме Пандорината кутија.“

Рече на советот НАТО-Русија во Севиља рускиот министер Сергеј Иванов.
XS
SM
MD
LG