Достапни линкови

Не многу видливите резултати покажаа дека кампањата е избрзана, велат дел од градоначалниците


Легализација на нелегално изградените објекти согласно општинските детални урбанистички планови, поголеми приходи за општините по основ на платени комуналии од изградените градби и по некое срушено поткровје, отприлика ова е резултатот од почетокот на кампањата во која и се објави војна на урбанистичката мафија. Во скопската општина Кисела Вода една од најпосочуваните, велат дека незапираат со откривањето на нови случаи. Оттаму велат дека наскоро ќе следи нова афера слична како онаа со ФИКОМ.

„Во скоро време од општина Кисела Вода ќе има нов случај, сличен како Фиком, Раба и Самарија, меѓутоа ние мораме да работиме и да ги штитиме законите на Македонија.“

Изјавува Тони Чупоски општина Кисела Вода. Но, сепак во досегашниот тек на акцијата против урбанистичката мафија, во оваа општина нема целосно нелегални објекти согласно општинскиот урбанистички план кои морало да се рушат, туку само објекти кои што отстапуваат од пропишаниот габарит. Досега се срушени поткровја и нелегално доизградени делови во 30 објекти, но најголемата успешност во оваа општина од почетокот на акцијата го сметаат тоа што им се наполнил општинскиот буџет:

„Од почетокот на акцијата до денеска имаме прокнижено 57 милиони денари по основ на платени комуналии.“

Вели Чупоски. Слична е ситуацијата и во општината Центар. И таму не се забележани дивоградби кои целосно мора се срушат. Лидија Неделкова од оваа општина потенцира:

„Не, ние немавме такви проблеми со урбанистичка легализација бидејќи 90% од површината на општина Центар е покриена со Детален Урбанистички План.“

Во оваа насока градоначалникот на Струмица Зоран Заев смета дека се покажа дека акцијата е избрзана:

„Сите безправно изградени градби мора да добијат шанса да бидат вклучени во деталните урбанистички планови, посебно што ние сме потписнички на Виенската декларација и мораме да им дадеме шанси посебно затоа што Македонија е економски слаба и уништувањето на материјалните вредности мислам дека не е добар избор во овој момент.“

Во Министерството за транспорт и врски за ваквите резултати од акцијата во која градоначалниците почесто се одлучуваат за легализација или пак, се рушат само делови од објекти велат дека ако ништо друго со акцијата се делуваше превентивно бидејќи сега градоначалниците се попретпазливи во издавањето на градежните дозволи.
XS
SM
MD
LG