Достапни линкови

Експертите сметаат дека прашањето треба што побрзо да се реши


Во македонската Влада ќе се чека предлогот за статусот на Косово на специјалниот пратеник Марти Ахтисари да биде доставен во Советот за безбедност на ОН, како и на негово официјално претставување пред државниот врв во земјава, од страна на претставниците на Ахтисари, што како што не информираа од Влада се очекува да се случи наскоро. Дури тогаш велат во Владата, ќе се започне со дефинирањето на деталите околу демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово, решение што воедно е содржано и во предлогот за Косово на специјалниот пратеник Марти Ахтисари. На првичното претставување на планот за Косово пред македонските владини претставници од страна на членот на косовскиот преговарачки тим Хашим Тачи, премиерот Никола Груевски веќе се изјасни дека предлозите на Ахтисари меѓу кои и за демаркацијата за границата за земјава се прифатливи. Во документот на специјалниот пратеник се предвидува во рок од 120 дена македонската и косовската страна да формираат заедничка комисија во која ќе учествува и еден меѓународен претставник, а во рок од една година да заврши и процесот на целосно физичко обележување на границата. За македонскиот државен врв со ова се покажува дека прашањето е само од техничка природа и неговото решавање не остава простор за генерирање на проблеми. Експертите пак, потенцираат дека на прашањето за одбележувањето на границата со Косово, не требаше толку долго да се остави нерешено, бидејќи и двете страни се согласни дека тоа е само техничко прашање.

„Незнам зошто толку се „крева прашина“ од соседната страна за тие да учествуваат во тој процес, бидејќи ние апсолутно немаме никакви аспирации да загрозиме некого територијално и таа демаркација треба да биде изведена на еден достоиствен и добрососедски начин и сепак меѓународната заедница е таа што ќе одлучи и ќе го каже решението, а ние мора да се сложиме со таквото решение.“

Изјавува професорот по одбрана на Европскиот универзитет Владимир Пивоваров. Наспроти уверувањата од македонската и косовската страна, тој сепак смета дека е можно одбележувањето на границата може да донесе и некои безбедносни ризици.

„Меѓу самите жители кои живеат покрај границата има разномислие околу решавањето на границата и тоа е главниот проблем, меѓутоа затоа мислам дека ова прашање мора да се реши што побрзо за да не биде извор на можна идна криза. Значи иницијална каписла, не велам за некоја голема можна криза туку иницијална каписла која ќе држи некоја тензија одреден временски период.“

Истакнува Пивоваров.
XS
SM
MD
LG