Достапни линкови

Непрецизно регулираниот закон за локална самоуправа, создава пречки при децентрализацијата


За секоја од пренесените ингеренции на локално ниво, надлежното министерство врши надзор, па така согласно законот за образование, а не според законот за локална самоуправа Министерството за образование има право да врши контрола врз општините кои ги презеле ингеренциите во оваа сфера и доколку има прекршување на законските начела, времено да им ја одземе функцијата во определен дел од образованието на општините. Согласно овие законски прописи во Министерството за локална самоуправа ги објаснуваат актуелните одземања на функциите од страна на градоначалниците во делот на именувањето на директорите во неколку училишта во општините Гостивар, Кавадарци, Јегуновце и Ново село:

„Надлежното министерство врши надзор врз остварувањето на надлежноста од страна на општината и доколку утврди дека општината не ја извршува надлежноста согласно стандардите и постапките утврдени во закон има право да реагира, меѓутоа пред тоа и укажува на општината да се корегира, но доколку општината не ги уважи укажувањата од надлежното министерство, тогаш надлежното министерство има право да го одземе вршењето на функцијата во рок од една година.“

Истакнува Ели Чакар од Министерството за локална самоуправа, која посочува дека согласно законските акти ова се само контролни механизми за работата на градоначалниците, а не значи и комплетно одземање на нивната надлежност во одредена преземена област:

„Значи, само таа една функција од целата област образование се одзема во рок од една година, односно само именувањето на директори. Што значи дека другите функции во областа на образованието, делот на финансирањето, одржувањето, остануваат на општината.“

Но, токму вака дефинираните контролни механизми врз градоначалниците кои се содржани во секој посебен закон од пренесените ингеренции, а не се усогласени во законот за локална самоуправа, познавачите ги сметаат за најголем проблем. Горан Ангелов поранешен претседател на ЗЕЛС изјавува:

„И овде настана вистински хаос бидејќи со законот за основно и средно образование градоначалниците не ја добија вистинската надлежност околу изборот и назначувањето на директорите, и секако тоа се користи за политички цели.“

По одземањето на вршењето на функцијата во неколкуте општини реагира и актуелниот претседател на ЗЕЛС Андреј Петров кој вели:

„Доколку таквите постапки продолжат ние согласно нашите можности за влијание ќе го информираме и Советот на Европа.“

Потенцира Петров.
XS
SM
MD
LG