Достапни линкови

Човечкиот фактор е главна причина за глобалното затоплување


Денеска во Париз врвните светски климатолози го презентираа извештајот со кредибилни докази дека човекот е причината за климатските промени во светот. Во извештајот на кој работеа 2500 научници и кој се оценува како најавторитативна студија од оваа проблематика се заклучува дека глобалното затоплување најверојатно ќе предизвика големи промени во животната средина во следните децении.

На 1600 страници се наоѓа трудот на научниците кои работеа за Панелот на Обединетите Нации за климатските промени. Тие денеска се сигурни дека таканаречените ,,зелени гасови,, предизвикани од активностите на човекот се главата причина за глобалното затоплување на земјата. Сузан Соломон ко преседавач на Панелот на денешната презентација на извештајот во Париз изјави:

„Глобалната концентрација на јаглен диоксид, метан и нитро оксидот, сите таканаречени гринхаус гасови е зголемена значително од 1750 година од стартот на индустриската револуција и сега се далеку над вредностите мерени во длабокиот мраз за илјадници и илјадници години. Драматичниот раст е толку различен од тоа како се одвивале работите во минатото, што нема сомневање дека зголемувањето на концентрацијата на овие гасови е доминантно дело на човековата активност.“

Научниците проценуваат дека ако трендот продолжи ефектите од климатските промени ке бидат драматични во следните децении. Резулатите на глобалното затоплување ке бидат речиси незапирливи. Површинската температура на земјата најверојатно ке порасне од 1,8 до 4 степени до 2100 година. Се очекува дека децениски температурата ке се зголемува за 0,2 степени. Тоа значи нивото на морињата ке порасне за 59 сантиметри што значи поплави на крајбрежните појаси. На пример се предвидува дека Медитеранскиот Басен ќе стане сушен регион и ретко населен во текот на летото. Од друга страна, скијашките алпски центри во летниот период ке станат престојувалишта за оние кои ќе бегаат од летните горештини. Натаму во извештајот се предвидува дека реките ќе пресушуваат. Ќе има се повеќе силни бури и други видови природни катастрофи. Со децении научници од Циришкиот универзитет набљудуваат околу 30 тина глечери и со години предупредуваат на промените во светот. Директорот Вилфрид Хаберли вели дека глечерите се природниот индикатор на промените:

„Повеќето од средно големите глечери имаат просечна ширина од 30 до 40 метри. И ако тие губат по половина до еден метар годишно, многу е лесно да се процени состојбата со глобалното затоплување. Многу помали глечери во планинсите области веќе ги снема.“

Просечно, вели Хаберли, глечерите се топат три пати побрзо отколку во 80-тите години на минатиот век. А тоа веќе не е проблем само за скијашките центри:

„На лето, во сушните сезони, многу, многу реки се хранат од глечерите. Ако глечерите ги снема, тогаш европските реки Рајна и Рона на пример ке имаат многу малку вода на лето, нешто што веке се случи во 2003 година, но тоа може да стане многу поголем проблем во иднина.“
XS
SM
MD
LG