Достапни линкови

Опозицијата своите забелешки ќе ги изнесe и на средбата на работните групи за политичкиот дијалог


Со различни ставови освен на парламентарната расправа што започна вчера, но и при средбата на работните групи што треба да го продолжат политичкиот дијалог ќе седнат претставниците на власта и опозицијата околу прашањето за собранискиот деловник. Во опозициониот Социјалдемократски сојуз потенцираат дека по ова прашање е неопходен консензус. Оливер Спасовски од СДСМ ги истакнува главните забелешки на партијата што воедно ќе бидат посочени и на средбата на работните групи:

„Најголемата забелешка е ограничувањето на дискусиите на пратениците од десет минути, што мислиме дека е инструмент за манипулација. Исто така не се согласуваме со предлогот, по одредено прашање пратеникот да се пријавува во првата минута од претресот и проблематично е прашањето за употребата на јазикот.“

вели Спасовски.
Демократската Унија за Интеграција пак, бара употребата на албанскиот јазик освен на ниво на собраниски Комисии да биде воведена и при водењето на собраниските седници доколку потпретседателот на Собранието е од албанската заедница. Во оваа партија сеуште не одлучиле дали ќе присуствуваат со свои претставници во работните групи за продолжување на дијалогот бидејќи не добиле покана, но најавуваат дека и покрај тоа што го напуштија Парламентот, сепак ќе најдат начини за изнесување на своите забелешки:

„Нашите забелешки ќе ги поднесуваме преку наши претставници пратеници кои што ги покриваат сите комисии во Собранието и секако преку средствата за информирање.“

Истакнува Рафиз Алити од ДУИ. Во владеачката ВМРО ДПМНЕ и покрај негирањето од опозицијата, потенцираат дека нивиот предлог за новиот деловник, е всушност само продолжување на иницијативата од претходниот состав на Парламентот, односно поранешниот претседател на Собранието Љупчо Јордановски:

„Единствената измена што е направена од страна на ВМРО ДПМНЕ како предлог, е во делот на употребата на јазиците и втората измена што е направена е во однос на денот на гласањето.“

Изјавува Александар Спасеновски од ВМРО ДПМНЕ. Експертите истакнуваат дека што се однесува до ограничувањето на дискусиите ваквото искуство е познато и во некои од европските земји, но посочуваат дека квалитетот и ефикасноста на Собранието не зависи само од деловникот:

„Тоа повеќе зависи генерално од позицијата на Парламентот и генерално од тоа кои луѓе седат во Парламентот.“

Истакнува професор Рената Дескоска од Правниот факултет.
XS
SM
MD
LG