Достапни линкови

Граѓаните на демократски избори ќе решат за идниот претседател на Русија


Повеќе од илјада и двесте домашни и странски новинари се акредитирани за денешната прес конференција во Москва на рускиот претседател Владимир Путин. Ланската ваква конференција траеше три часа.

Рускиот претседател Владимир Путин на денешната редовна годишна конференција говореше за неговиот наследник откако во идната година му истекува мандатот на оваа функција. Тој изјави дека следниот руски претседател нема да биде наследник на таа позиција, туку оти луѓето за него ќе решаваат на демократски избори во две илјади и осмата година.

„Нема да има наследници. Ќе има кандидати за местото претседател на Русија и задача на властите е да обезбедат нивните изборни кампањи да бидат демократски по што граѓаните ќе се изјаснат за еден од нив.“

изјави Путин, наведувајќи дека во текот на кампањата тој ќе поддржел еден од од кандидатите. Тој уште еднаш ги отфрли обвинувањата дека Русија ги употребува своите големи енергетски ресурси за политики цели. Според него, ваквите обвинувања биле злобни. Тој наведе дека руската енергетска политика се базирала врз пазарните закони и оти Русија сака само да се почитуваат обврските преземени од корисниците на нејзината нафта и гас.

„Руската Федрација секогаш ги исполнувала и целосно ќе ги исполнува своите обврски, но ние нема да ги субвенционираме економиите на другите земји.“

Путин најави дека и натаму ќе работи на подобрување на социјалната состојба во земјата.

„Се уште имаме многу да работиме во социјалната сфера, вклучувајќи ја и нашата главна цел, намалување на јазот меѓу високо платените групи на население и оние граѓани кои се уште живееат во сиромаштија.“

Изјави претседателот Владимир Путин на редовната годишна конференција со домашните и странските новинари во Москва.
XS
SM
MD
LG