Достапни линкови

Младиќ и Караџиќ во Хаг до заминувањето


Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Карла дел Понте најави дека во септември годинава, кога и завршува вториот четиригодишен мандат, ќе ја напушти функцијата. До моето заминување, сакам во Хаг да ги видем Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, вели таа, додавајќи дека ќе настојува да ги убеди земјите на Европската Унија да не ги обноват преговорите за придружување со Србија, бидејќи властите во Белград не соработуваат со Трибуналот.

Како причина за нејзиното заминување, Карла дел Понте го наведе фактот дека таа на функцијата главен обвинител била многу подолго од нејзините претходници Ричард Голдстон и Луиз Арбур. Дел Понте открива дека тоа од неа го бараат и властите во Швајцарија каде што веќе се појавија забелешки за високите трошоци на нејзиниот ангажман што ги сноси таа земја. Впрочем, како што прецизира, од неа било побарано да се врати веднаш откако во текот на судењето почина Слободан Милошевиќ. ,,Можам да си одам, затоа што веќе нема истраги, а за претстојните судења имаме многу докази,, вели дел Понте, додавајќи дека не знае кој ќе биде нејзиниот наследник. Таа прецизира дека биле закажани судењата на сите обвинети кои се наоѓаат во притвор на Хашкиот трибунал и оти тие ќе бидат завршени во почетокот на две илјади и деветата година, рокот што го постави Советот за безбедност на Обединетите Нации за завршување на првостепените постапки. Но, тој рок, како што предупредува дел Понте, не ќе може да се испочитува доколку во наредните неколку месеци не бидат уапсени Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, како и преостаните таканаречни хашки бегалци. Таа најавува дека сега настојува да ја убеди Европската Унија да не преговора за придружувањето на Србија. Ако тоа се дозволи тогаш можеме да заборавиме на Младиќ, оценува дел Понте.

„Неуспехот на Србија да соработува со мојата канцеларија и посебно да ги уапси и да ги израча поранешниот генерал Ратко Младиќ и поранешниот лидер на босанските срби Радован Караџиќ го покажува најголемото непочитување на илјадниците и илјадниците жртви во Босна и Херцеговина.“

Карла дел Понте е убедена дека Младиќ се криел со помош на властите во Белград и оти српските служби за безбедност знаеле точно каде тој се наоѓал. За разлика од Младиќ, Караџиќ никогаш немал заштита од државните институции, туку од пријателите во Република Српска, вели дел Понте која била уверена дека новата влада на Србија, доколку ја формира Демократската партија на претседателот Борис Тадиќ, ќе соработувала со Хашкиот трибунал.
XS
SM
MD
LG