Достапни линкови

logo-print

Неатрактивноста на пазарот и нерегулираните правила се причини за слабата заинтересираност


Утре во Агенцијата за електронски комуникации ќе биде отворена единствената понуда која што пристигна на јавниот повик за трет мобилен оператор кој започна на 30 октомври минатата година и траеше до 25 јануари. И покрај тоа што е пристигната само една понуда за влез во мобилната телефонија, од Агенцијата за електронски комуникации велат дека постапката ќе се смета за успешна и доколку пријавената компанија ги исполнува условите таа ќе биде прифатена. Нерегулирани услови за телекомуникациските услуги, но пред се малиот и неатрактивен пазар, во ова економските експерти ги гледаат причините за слабата заинтересираност меѓу компаниите за влез во мобилната телефонија. Тоа според професорот по економија Ванчо Узунов меѓудругото говори дека земјава не е атрактивна поради малиот потеницијал на потрошувачи за поголеми странски инвестиции:

„Едноставно мал е пазарот и нема место за три големи „играчи“, односно нема место за профиталбилност за три компании на пазарот на мобилна телефонија. Тоа е случај со сите инвестиции во Македонија, да го освојуваат овој пазар за локалната побарувачка за нив е неатрактивно, тие за кои што беше атрактивно тие веќе се тука.“

Освен неатрактивноста на пазарот, како една од главните причини, и високите цени за интерконекција што операторите треба да им ги плаќаат на Македонски телекомуникации се смета дека влијаат на ваквиот исход на јавниот повик. Освен за мобилната телефонија, нерегулираните услови се пречка и за воведување на долгоочекуваната конкуренција во фиксната телефонија. Поради високите цени компанијата „Он Нет“ започна да дава услуги во фиксната телефонија, но само за меѓународни и меѓуградски, а не и за локални разговори. Предраг Чемерикиќ директор на оваа компанија посочува:

„Се додека постои таа нелогичност со цените, нема да можеме да ги нудиме локалните разговори. Но, од друга страна се јавува и една друга нелогичност што Македонски Телекомуникации на своите корисници им наплаќа 3,8 денари за една минута повик кога да речеме повикуваат корисници на „Он Нет“ така да и од таа страна трпиме притисоци.“

Сето ова говори дека државата пред да распишува повик за инвестирање во одредена област треба да понуди прецизни услови, за што најбитна е улогата на Регулаторните комисии:

„Тие треба навистина да бидат независни, како од политички притисоци така и од лобирање на бизнисмените и преку разни регулаторни влијанија на пазарот да се успее, иако е мал пазарот, да се постигне колку-толку она влијание кое што би го имала конкуренцијата доколку би бил голем пазар.“

Вели професор Узунов.
XS
SM
MD
LG