Достапни линкови

Генерално има влијание немањето на Јавен Обвинител во изминативе месеци, велат познавачите


По неколкумесечното функционирање на јавното обвинителство без прв човек, стручната јавност оценува дека од правна и техничка смисла не треба да има пропусти или забавување на работата на оваа институција, но генерално секако дека има:

„Поголем аспект на прашањето е од психолошка природа, отколку од техничка или од стручна. Затоа што да се пренесе нешто од првиот човек на тие одредени заменици во таа хиерархија е многу значајна работа и дава сигурност. Можеби се чекало од институциите надлежни за собирање на доказите да се појави и првиот човек затоа што има настани кои што навистина треба да се анализираат многу длабоко.“

Изјави поранешниот јавен обвинител Стеван Павлевски.
Дека првиот човек е важен во оваа институција говори и фактот што тој ја координара целата работа, соработка со другите институции и е одговорен за генералната политика на обвинителството, смета Јован Трпеноски исто така поранешен јавен обвинител кој додава:

„Тоа е многу суштествена работа, затоа што соработката со другите е исклучиво во надлежност на првиот човек на јавното обвинителство и може да преземе обврски во име на целокупната обвинителска организација првиот човек носител на таа организација, затоа што борбата против криминалот неможе да биде само работа и обврска на еден орган и во тој дел во секој случај е суштинска работата на јавното обвинителство, меѓутоа во целокупната работа јас мислам дека овој вакуум не се одрази.“

Инаку според постојниот закон основните јавни обвинители постапуваат во прв степен и ги има низ целата држава, во втор степен постапуваат вишите обвинители кои ги има во Скопје, Битола и Штип, а на почетокот на годината републичкиот јавен обвинител назначува прв заменик кој го заменува во неговото отсуство. Љупчо Шврговски кој вчера беше избран за републички јавен обвинител е последниот за кој се гласаше во Собранието, согласно со новиот закон што е во владина постапка него ќе го избира Советот на јавни обвинители. Измените се со цел намалување на влијанието на политиката врз оваа институција што пак е едно од клучните барања на Европската унија и НАТО. За тоа до каде е работата на новите правни акти информира Убавка Матевска:

„Министерството за правда ги подготви текстовите на законот за јавно обвинителство и за совет на јавни обвинители и тие се пратени на мислење до ОБСЕ, Венецијанската Комисија на Советот на Европа, обвинителството и до делегацијата на Европската Комисија во Македонија.“

Во текот на идната недела се очекуваат мислењата од овие институции по што ќе се вградат евентуалните забелешки и ќе бидат пуштени во владина процедура.
XS
SM
MD
LG