Достапни линкови

Не е јасно кој е задолжен во постизборниот период во Србија за коментари и предлози


Откако официјално е потврдено дека посредникот на Обединетите Нации Марти Ахтисари на втори февруари доаѓа во Белград со долгоочекуваниот предлог за решавање на косовскиот статус, во Србија се појави недоумица. Имено, не е јасно кој е задолжен во овој преоден период, меѓу две влади, да понуди коментари или предлози на планот на Ахтисари. Дали Белград ќе ја премолчи неговата посета поради игрите околу формирањето нова влада, но и поради уверувањето дека на таков начин ќе купи време за натамошно одлагање на решавањето на косовското прашање?

Сосема е извесно дека посредникот Марти Ахтисари го има предлогот за решавањето на статусот на Косово и оти со него ќе ги запознае двете страни. Но, Белград, поради постизборните игри, се чини дека не изгледа особено заинтресеран за предлогот. Запрашан кој и со со каков став ќе го пречека Ахтисари, советникот на српскиот премиер Александар Симиќ вели:

„Мислам дека до втори февруари нема да биде формирана владата и оти сценариото на господин Ахтисари е негова работа, но оти последиците од вонредните избори во Србија поради Уставот се друга работа.“

Притоа, Симиќ довава дека кабинетот на премиерот во заминување Коштуница не е адресата на која Ахтисари би требало да се обрати. Тој го советува Ахтисари да разговара со српскиот претседател Тадиќ од каде пак одбиваат да ги коментираат ваквите наводи. Очигледно дека Косово моментално е дел од политичките игри во Белград. Ваков е ставот на поранешниот чеф на дипломатијата и сегашен функционер во Пактот за стабилност на Југоисточна Европа Горан Свилановиќ.

„Тука се присутни два елемента. Еден е полемиката меѓу Демократската партија и Демократската партија на Србија, а вториот обидот да се купи дополнително време и се повторно да се одложи. “

Ова не го демантира ни советникот на српскиот премиер:

„Моето мислење е дека владата нема да биде формирана брзо и лесно. Во таа смисла мислам дека работите сепак ќе почекаат. “

Вели Симиќ. Но, според Свилановиќ, меѓународната заедница веќе не може да чека и да си дозволи уште едно одлагање на процесот. Најмалку тоа му одговора на Ахтисари чија работа е при крај и кој не го интересира кому ќе му го испрати предлогот, додава Свилановиќ.

„Ќе му го испрати, што се однесува до него на амбасадата на Србија во Виена. Воопшто не го интересира тоа. Впрочем постои и преговорачки тим. Ќе им го испрати и ќе им каже благодарам и довидување.“

Затоа, смета тој, посетата на Ахтисари на Белград не смее да се доживее како протоколарна:

„Целата Контакт група очекува коментар на иницијалниот предлог. Ова што сега го нуди Ахтисари не е конечен предлог.“

Вели Свилановиќ, додавајќи дека Ахтисари веројатно во март ќе го дефинира конечниот предлог по што ќе го упати до Советот за безбедност на Обединетите Нации кој потоа целосно го презема решавањето на косовското прашање.
XS
SM
MD
LG