Достапни линкови

Предлог на Ахтисари за статусот на Косово


По парламентарните избори во Србија, кои беа причината за одлагањето на презентирањето на решението за статусот на Косово, се очекува посредникот Марти Ахтисари в петок на состанокот на Контакт групата во Виена да го претстави неговиот пакет. На овој состанок би требало да биде утврден и календарот на натамошните постапки во утврдувањето на конечниот косовски статус.

На состанокот во Виена директорите на политичките управи на земјите членки на Контакт групата, според портпаролот на Обединетите нации на Косово Реми Дурло, ќе бидат запознати со предлогот на специјалниот пратеник Марти Ахтисари по што тој би заминал за Белград и Приштина.

„Датумот кога посредникот Ахтисари ќе отпатува за Приштина и Белград со цел да им го претстави својот предлог ќе се одреди во текот на нердниве денови. “

Според некои најави, тоа би се случило на втори февруари по што би требало да следуваат неколку дебати со двете страни:

„Откако ќе го претставиме нашиот предлог, очекуваме коментари и сугестии од Белград и Приштина по што финалниот документ ќе му го предадеме на генералниот секретар на Обединетите нации.“

вели Дурло, додавајќи дека засега не може да се предвиди колку би траела фазата на консултации со Приштина и Белград и дали ќе има потреба за уште една рунда директни разговори меѓу двете страни. Сепак, како што се наведува, не станува збор некаква конечна одлука на Ахтисари, туку за план за кој треба да се постигне согласност. Се прецизира дека планот содржел некаков вид преодна независност за Косово со многу силна странска контрола слична на онаа што меѓународната заедница ја има во Босна. Институциите на Косово веќе најавија дека ќе обезбедат единствен одговор за предлогот на Ахтисари за кој очекуваат да биде во согласност со политичката волја на граѓаните на Косово за независна држава. Во Белград пак, допрва претстои формирање на новите институции откако во неделата се одржаа предвремените парламентарни избори. Се шпекулира дека Воислав Коштуница кој се стреми да ја задржи премиерската позиција, би можел да формира малцинска влада со поддршка на радикалите кои се против независноста на Косово имајќи ги предвид разликите и во демократскиот блок за косовското прашање.

„Од Воислав Коштуница најмногу зависи каква влада ќе биде формирана и во колкава мера објавувањето на планот на Ахтисари ќе влијае врз евентуалниот договор на партиите во демократскиот блок. Тој треба да знае дека несогласувањето со меѓународната заедница негативно ќе влијае врз просперитетот на Србија, но и врз неговата лична политичка позиција.“

Оценува Џон Палмер, поранешен директор на Центарот за Европска политика во Брисел, додавајќи дека Белград мора под итно да ги усогласи ставовите за косовкото прашање, бидејќи не му преостанува многу време за распологање.
XS
SM
MD
LG