Достапни линкови

Идната влада ќе мода да биде коалициона


Ден пред изборите во Србија едно е извесно, идната влада на таа земја ќе мора да биде коалициона. Различните предизборни анализи покажуваат дека за Српската радикална партија најверојатно ќе се изјаснат околу триесет насто од граѓаните, два или три проценти помалку ќе добие Демократската партија, а дваесетина проценти ќе одат за таканаречниот народен блок.

Предвидувањата на аналитичарите за можните коалиции немаат покритие во изјавите на лидерите на Демократската партија и на Демократската партија на Србија. Додека премиерот Воислав Коштуница тврди дека не е правилно да се изјаснува за коалиции пред да бидат познати изборните резултати, од другата страна исклучуваат секаква можност за постизборно здружување со партијата на Коштуница за која, како што велат, веќе правела договори со Српската радикална партија. Во исто време, според наводите на љубљанскиот Европски институт за блискоисточни и балкански студии, постоел таен договор меѓу претседателот на Србија Борис Тадиќ и премиерот Воислав Коштуница со единствена цел, опстанок на власт. Имено, договорено било да се создаде постизборна коалиција меѓу Демократската партија и Демократската партија на Србија со што Коштуница би останал премиер, а Тадиќ претседател на Србија. Политичкиот аналитичар Владимир Гоати вели дека станува збор за неверојатно хипотеза:

„Ние сакаме на ваквите нереални теории да им даваме преголемо значење. Мислам дека тоа е пуштање балони од различни страни. Клучен момент ќе бидат резултатите од изборите и врз нивна основа партиите ќе ја градат својата стратегија.“

Скоро сите проценки на политичкото расположение на граѓаните говорат дека најголема поддршка околу триесет насто има Српската радикална партија. Но, тоа не и ја гарантира можноста да формира влада, не особено по политичкиот тестамент на Воислав Шешељ кој се спротивстави на секаква соработка со Тадиќ и со Коштуница. Радикалите не се откажуваат од таквиот став, вели од таа партија.

„Србија мора да се реши меѓу две опции. На една страна е Српската радикална партија која тежиштето на кампањата ја стави врз борбата против корупцијата и криминалот, екомоското заздравување и заштитата на интегритетот и суверенитетот на Србија. Тука нема место за другите партии.“

Наведува радикалот Драган Тодоровиќ. Аналитичарот Милан Николиќ пак, проценува дека во нормални услови стожер на идната српска влада би требало да биде Демократската партија, со учество на Демократската партија на Србија и Ге седумнаесет плус. Сепак, според него, постои еден фактор што може да го наруши тоа:

„Се плашам од можноста специјалниот пратеник Марти Ахтисари да не излезе со предлог решението за Косово кое подразбира некаков вид независност, пред да биде формирана новата влада на Србија. Доколку тоа се случи тогаш земјата може да влезе во долг период на нестабилност.“

Тоа, како што наведува Милан Николиќ, би било вовед во нови избори во Србија.
XS
SM
MD
LG