Достапни линкови

Кој е одговорен за прекинот на преговорите за придружување кон ЕУ?


Предизборната кампања во Србија повторно го отвори прашањето за одговорноста на оние што доведоа до прекин на преговорите за придружување на таа земја со Европската Унија. Коалиционите партнери на владејачката Демократска партија на Србија дури сега проговорија за тоа. Ратко Младиќ, една од причините.

Европската Унија ги прекина преговорите со Србија во почетокот на мај минатата година. Но, требаше да се разгори предизборната кампања за да се отворат картите меѓу коалиционите владејачки партии за тоа зошто Србија доцни со европските интеграции. Лидерот на српското движење за обнова Вук Драшковиќ смета дека поранешниот генерал Ратко Младиќ по кого трага Хашкиот трибунал не бил уапсен поради премиерот Воислав Коштуница.

„Бевме на дваесет дена пред потпишување на спогодбата со Европската Унија, а сега тие преговори се прекинати со директна вина на премиерот Коштуница и на неговите луѓе од нерасформираните служби за безбедност на Милошевиќ. Тие сметаа дека е подобро еден човек да биде на слобода, а Србија во ропство.“

Изјави Драшковиќ на конвенцијата на неговата партија во Чачак. Претседателот на пратеничкиот клуб на Демократската партија на Србија Милош Алигрудиќ од друга страна вели дека кабинетот на Воислав Коштуница презел се за апсење на таканарешните хашки бегалци.

„Прекинот на преговорите беше избрзан потег на Европската Унија со цел вршење притисок за да бидат исполнети обврските спрема Хашкиот трибунал. На нас беше да докажеме дека навистина тоа не можеме да го оствариме. Мислам дека сега сме блиску до тоа и оти преговорите со Европската Унија ќе продолжат.“

Во Обвинителството на хашкиот трибунал пак располагаат со информации дека властите во Србија пред една година ја знаеле точната локација каде што се наоѓал ратко Младиќ, но оти наместо да го уапсат, тие се обидувале да преговараат со него. Поради тоа Олга Кавран, портпаролка на главната обвинителка Карла Дел Понте заклучува дека државниот врв едноставно не сакал да го уапси Младиќ:

„Не постоеше политичка волја за апсење на Младиќ. А единствен доказ на соработката со Хашкиот трибунал ќе претставува апсењето на преостанатите хашки бегалци.“

Вели портпаролката Олга Кавран со што ја отфрла можноста дека Европската Унија би можела да ги продолжи преговорите со Србија и без апсење на Младиќ, односно само доколку идниот државен врв на Србија уапти јавен повик за апсење на хашките бегалци.
XS
SM
MD
LG