Достапни линкови

Според аналитичарите тоа се демократски процеси, но епилогот е неизвесен


Раздвижување во опозициските политички партии. Приврзаниците на Владо Бучковски кои синоќа одржаа состанок бараат да се дозволи фракционерство во СДСМ, а доколку тоа не се случи не ја исклучуваат можноста за формирање на нова партија. Потпретседателот на СДСМ Јани Макрадули вели дека сите прашања ќе се отворат на Централниот одбор закажан за во понеделник, но укажува дека од разговорите со членството може да се заклучи дека тие сакаат партијата да остане единствена:

„СДСМ никогаш не ја замрел демократската расправа за одредени насоки и правци за тоа каде треба да се движи партијата. Доколку некој ја отвори темата за фракционерство ќе се дискутира. Од позиција на уцени и закани мислам дека некои поранешни функционери ја заборавиле или пак неможат да издржат веќе да не бидат функционери во СДСМ.“

И во ДУИ по изборите во Сарај почна да се говори за виновници за поразот при што се посочува потпретсеадтаелот на ДУИ, Рафиз Алити. Тоа се желби на владеачките партии да се случува нешто во коалицијата ДУИ и ПДП, коментира Алити кој вели дека не се чувствува виновен за поразот и додава:

„Ние сме во фаза кога ги анализираме резултатите, но ДУИ не ги изгуби изборите во Сарај, туку ДУИ придонесе да имаме фер избори. Ние од старт на нашите активисти им рековме дека не сме заинтересирани по секоја цена да победиме во таа општина иако имаме подршка од граѓаните со тоа што не бевме заинтересирани да се полнат кутии.“

За разлика од СДСМ и ДУИ, во ЛДП каде конгресот ќе се одржи кон средината на февруари, ситуацијата е појасна:

„ЛДП ќе ја задржи традицијата за после поразот од изборите, лидерот се повлекува така да, г-динот Пенов веќе објави дека ќе ја напушти претседателската функција, така што претстојниот наш конгрес всушност ќе биде изборен и за претседатели има пријавено два кандидата, г-динот Јован Манасиевски и Стевчо Јакимовски.“

Изјави Андреј Жерновски.
Аналитичарите пак случувањата во опоцизицијата ги оценуваат како демократски:

„Во опозициските партии се случуваат некои демократски процеси во смисла на водството на партијата, дефинирање на одредени групи во самата партија и евентуланите фракции. Меѓутоа рано е да се зборува кој ќе биде епилогот и тешко е да се каже колку самите процедури внатре во партиите ќе бидат докрај демократски.“

Изјави политикологот Жидас Даскаловски.
XS
SM
MD
LG