Достапни линкови

Власта мора да се ослободи од влијанието врз сегментите вклучени во економските процеси


Големо влијание на политиката врз економијата, вака накратко стручната јавност ја коментира состојбата во економската сфера. Има неколку фактори што укажуваат на ова, а клучен е неефикасната државна администрација. Причините за оваа квалификација на администрацијата се кај политиката:

„Неефикасна државна администрација се сведува на фактот што луѓето од државната администрација што треба да даваат услуги на приватниот сектор се менуваат исклучиво поради политички причини. Се менуваат политички партии на власт и си ставаат свои луѓе и сега некој што е обучен до одредено ниво за работа во одредена агенција или во некое министерство, наеднаш и покрај тоа што е обучен е сменет поради некои политички влијанија.“

Изјави Дејан Јаневски од Националниот совет за претприемаштво и конкурентност.
Стопанственикот Зоре Темелковски исто така укажува дека политиката има влијание во бизнис секторот, развојот на економијата и додава:

„Така наметна една политичка гарнитура која што ги бенифицира големите индустриски капацитети, а не ги постави во рамките на економијата, туку ги постави во лични интереси како перални на пари. Таа политичка гарнитура успеа да направи квази-приватизација.“

Љубомир Кекеновски професор на Економскиот факултет во Скопје смета дека власта треба да овозможи функционирањето на сите потребни сегменти, односно да не влијае врз нив за да се постигне состојбата, политиката да не влијае во голема мера врз економијата:

„Значи, клучната позиција би била деконцентрација на извршната власт кон судската власт и кон други институции кои што се релевантни за да го регулираат вашиот сообраќај.“

За слободата од интервенции на државата во економската област се говори и во извештајот на Херитејџ фондацијата во кој Македонија се наоѓа во групата држави со умерена бизнис слобода. Во извештајот се укажува на тоа дека има високи државни трошоци, а мало учество на компаниите во вкупниот годишен приход на земјава.
XS
SM
MD
LG