Достапни линкови

Решавањето на проблемот со невработеноста е долгорочен, велат од Министерството за труд и социјала


Преживување на улица, вака ја опишуваат својата ситуација неколкуте мегу многумината пазарџии што ги анкетиравме, невработени чиј главен извор на заработка се разните ситници изложени на импровизирани тезги, кои им ги нудат на купувачите од чие пак расположение за купување зависи дали денеска ќе се заработи за леб. Мегу нив разни судбини, транзицијата и покрај претходно успешниот живот ги довела на улица. Таква е приказната на еден 50 годишен скопјанец кој раскажува:

„Јас работев во Хемтекс како шеф на одржување и еве веќе десет години како Хемтекс пропадна и јас сум овде на улица. Како се преживува само јас и господ знаеме.“

Некои пак воопшто и не дочекале вработување. Пазарот и сивата економија поради што многу често имаат проблем со полицијата, одсекогаш им бил главен извор за егзистенција, наместо како што велат да се седи дома и да се гладува:

„Вртиме по нешто за леб.“

„Јас дваесет години работам тука, некогаш се заработува, некогаш не, ама што да се прави кога си невработен.“


Најновите податоци на Заводот за статистика покажуваат дека во земјава 35,9 проценти од активното население е невработено. Од Министерството за труд и социјална политика велат дека проблемот со невработеноста неможе да се реши брзо, бидејќи станува збор за долгорочен проблем, но во рамки на Национаслната стратегија за вработување до 2010 година, имаат донесено и некои конкретни мерки за тековната 2007 година што ќе придонесе како што велат оттаму, за намалување на невработеноста. Планот е преку неколку мерки да се вработат повеќе од три илјади лица:

„За овие мерки од буџетот се одвоени 69 милиони денари. Што значи дека во најголем дел се буџетски средства, а само 10% се странска помош.“

Изјавува Жаклина Величковска од Министерството за труд и социјална политика. Економските експерти пак, се согласуваат дека станува збор за процес кој ќе мора да се решава долгорочно. Но, што може ургентно да се направи за решавање на овој проблем? Професорот по економија Абдулменах Беџети посочува:

„Решението на тој проблем е преку нови инвестиции, преку нова бизнис клима, преку отварање на нови капацитети и покрај тоа што статистиките, остануваат статистики.“

забележува Беџети.
XS
SM
MD
LG