Достапни линкови

Предлогот на Ахтисари нема да биде и конечен план, смета експертот Луциа Монтанаро Јанковски


Пратеникот на Обединетите Нации за статусот на Косово Марти Ахтисари денеска во Дрезден ќе ги информира политичките директори на дипломатиите на земјите на Европската Унија за процесот на подготовки за решавање на Косово, а наскоро е предвиден состанок и со Контакт Групата. Според Луциа Монтанаро Јанковски експерт во Бриселскиот центар за европска политика предлогот на Марти Ахтисари за решавање на стаусот на Косово нема да биде и конечен план. Таа изјави дека смета оти ќе постои привремена варијанта.

Косово не е најважна светска тема, секако не, ако се спореди со Ирак, Иран и некои други делови на светот, но, како што вели Луциа Монтанаро Јанковски експерт во Бриселскиот центар за европска политика, очигледно е на високо место на дневниот ред на Обединетите Нации уште повеќе со приближувањето на датумот на изборите во Србија, очекуваниот извештај на Ахтисари и новата резолуција на Советот за Безбедност. Таа смета дека за Косово ќе постои транзициски период:

„И натаму многу се зборува за ограничена независност која ќе постои во таканаречен транзициски период.“

Монтанаро Јанковски вели дека ставовите во Европската Унија и во Контакт групата и натаму не се единствени. Вели, ги има оние кои се ЗА и оние ПРОТИВ независноста на Косово, но таа не се сомнева во преоден период. Советот за Безбедност, според неа, во тој период ќе ја отповика резолуцијата 1244 и ќе и даде мандат на ЕУ за одговорност за некои клучни работи на Косово. НАТО, смета Монтанаро, ќе се грижи за безбедноста, а преодниот период ќе заврши тогаш кога косовските власти ќе бидат во целост способни да ја гарантираат безбедноста на малцинските заедници во сите аспекти на општественото живеење. Токму затоа, вели Монтанаро, планот на специјалниот пратеник на Обединетите Нации Марти Ахтисари нема да биде конечен:

„Мислам дека предлогот на Ахтисари нема да биде конечен план. Тоа ќе биде еден вид процес, но без некои значителни преговори како што имаше во минатото или некакви нови преговори. Прво Ахтисари ке го даде предлогот. Потоа Обединетите Нации ќе донесат резолуција, а потоа ќе следат консулатции во Контакт групата. Но тоа не се преговори за конечниот статус.“

вели, Луциа Монтанаро Јанковски експерт во Бриселскиот центар за европска политика која додава и дека периодот на нестабилност на Балканот не е надминат. Таа мисли дека насилни инциденти се можни, но не и судири на Балканот како во минатото.
XS
SM
MD
LG